15
Нов 19
  • Печати

На 24. октомври 2019 година, во Домот на АРМ во Скопје, колегата Перун Јоргакиевски учествуваше на Научната конференција „Периодот пред нас – време на безбедносни предизвици и неопходни чекори“, организирана од Асоцијацијата за здруженија од безбедноста, одбраната и меѓународните односи.

 

Своето излагање, насловено како „Членство на Република Северна Македонија во НАТО и почеток на пристапни преговори – нова геостратегиска и геополитичка реалност“, Јоргакиевски го поднесе во име на Дипломатскиот клуб – Скопје, кој е член на оваа Асоцијација од нејзиното основање во 2017 година.

Излагањето на панелот, Јоргакиевски го започна со констатацијата дека, благодарение на широкиот политчки консензус, стратегиските насоки, членството во НАТО и во Европската унија на нашата држава, се цврсто поставени и усмерени. Тој посебно се задржа на потребата за градење и култивирање на стратегиско размислување за соодветно антиципирање на промените во безбедносната околина. НАТО членството е можност за ново поставување во надворешната политика, бидејќи секоја земја има свои околности и карактеристики, па во такви услови ќе треба да ги валоризираме позитивните специфики кои се одраз на нашата внатрешна и надворешна/регионална поставеност и истите соодветно да ги промовираме во меѓународни рамки.