28
Апр 20
  • Печати

Извршниот одбор на Дипломатскиот клуб – Скопје, во име на своите членови, им ја изразува својата поддршка и благодарност на македонските дипломати кои во овие тешки моменти на светска здравствена криза, професионално и пожртвувано го даваат својот придонес во борбата за надминување на последиците од пандемијата. Дипломатите на Република Северна Македонија во странство и во МНР со своите напори придонесуваат за што поефикасно делување на најистурените борци против корона вирусот - медицинскиот персонал, како и на полицијата и армијата на нашата држава.

Делувајки во земјите на нивната акредитација и со странските претставници во нашата земја, нашите дипломати даваат свој драгоцен придонес за заштита на здравјето и животите на граѓаните и за стабилизација на здравстениот систем на нашата држава во услови кога и нивното здравје и здравјето на нивните семејства се во сериозна опасност.

Како дипломатија на мала земја, со ограничени материјални и човечки ресурси за покривање на сите возможни состојби, го поздравуваме досегашен труд и постигнатите успеси на македонските дипломати за информирање и репатријација на над 3000 македонски граѓани низ светот и координација на странската помош. Тоа е доказ за нивната висока професионалност и за нивниот искрен патриотизам.

Драги колеги, свесни за тешкотиите со кои се соочувате, уверени сме дека достојно ја извршувате својата државничка функција во исклучителни услови на пандемија и на нашиот празник - денот кога пред 51 година е основан првиот државен орган за надворешни работи во Македонија.

Нека ни е честит Денот на македонската дипломатија 29 април!

Скопје 28 април 2020
Извршен одбор на Дипломатски клуб – Скопје