04
Apr 17

Articles

Извршниот одбор на Дипломатскиот клуб на својата  денешна седница расправаше за меѓународната позиција на Република Македонија во светлината на посетата на претседателот на Европскиот совет Доналд Туск. 

Во дискусиите превладуваше загриженоста од евидентното влошување на меѓународнтата позиција на Македонија со продолжувањето на политичката криза во земјата и укажувањата на меѓународните партнери да придонесат за нејзино брзо надминување. Видно е дека нивните напори за надминување на кризата со примена на демократски поцедури не наидуваат на прием кај највисоките државни структури на Македонија, со што се загрозува развојот на односите на Македонија со Европската унија. Во прашање се доведени партнерските односи на Македонија со ЕУ, воспоставени со Спогодбата за стабилизација и асоцијација, кандидатскиот статус на Македонија, визната либерализација, сѐ дури и до губење на препораката за почеток на преговорите за влез на Македонија во ЕУ.

            Индикативно е дека начинот на изразување на претседателот Туск на прес-конференцијата, а по разговорот со претседателот Ѓорге Иванов, што говори за неговата разочараност од неприфаќањето на упорните настојувања на Брисел за создавање услови за стабилност на Македонија со давање мандат за формирање влада на оформеното парламентарно мнозинство во Собранието. Неговите куси, но директни забелешки упатуваат на можност за драстична промена во Брисел на третманот на Македонија, односно претставуваат најава за уште подлабока изолација на Македонија и штети по развојот и безбедноста на земјата. Ова произлегува и од изустеното од страна на Туск („Кога ќе најдете решение, можете да сметате на нашата поддршка“) дека додека не се надмине политичката криза во Македонија, ЕУ нема да ни даде никаква поддршка. А најдиректно, тоа значи дека Македонија не треба понатаму да смета дека ќе ја добива препораката (која сега и така е условена) за отпочнување преговори за влез во Унијата.

            Споменувањето, пак, на потребата од унапредувње на меѓуетничките односи е директно предупредување дека потценувањето на етничката компонента во формирањето на мнозинството за состав влада, мнозинство произлезено од општо  прифатените резултати од декемвриските избори, води кон тензии и судири.

Како долгогодишни одговорни државни функционери, членовите на Дипломатскиот клуб истакнуваат дека е дојден моментот за радикален пресврт во однесувањето на највисоките македонски државни функционери во исполнувањето на обврските кои произлегуваат од меѓународите договори кои ги има потпишано Република Македонија со цел достигнување на плебисцитарно прифатените стратешки цели за нејзино интегрирање во европските и атлантските структури.