Членовите на Дипломатскиот клуб – Скопје во изминатите децении беа активно вклучени во активностите на Еврејската заедница на Македонија и Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија во зачувување на традициите на овие наши сограѓани.
Посебно внимание беше посветено на едукација на идните генерации за трагедијата која ги снајде нив во 1943 година кога фашистичките окупатори депортираа цели семејства, вкупно 7.144 наши сограѓани, во смрт во логорот Треблинка.
На 12 март 2023 година при одбележувањето на 80-та годишнината од депортацијата, членовите на Дипломатскиот клуб учествуваа на маршот „Поворка на живите“ низ скопските улици, на полагањето венци и цвеќе на споменикот во скопскиот Монопол, потоа на Изложбата во Меморијалниот центар и на Комеморативниот концерт во Националната опера и балет.
Членови на Клубот, во името на МНР на РС Македонија беа национални координатори во Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот. Дипломатскиот клуб во 2018 беше носител и на организацијата на Меѓународната конференција „Дипломатијата и депортацијата на Евреите од Македонија во 1943 година“ од која беше издаден и специјален Зборник на трудови. Членот на Клубот Виктор Габер ја објави книга под наслов „Фениксот на непокорот“ за повоената обнова и развојот на Еврејската заедница на Македонија.