Врз основа на член 5, 20 и 76 од Законот за здруженија на граѓани и фондации, Службен весник на Република Македонија, бр. 31 од 02. 07. 1998 година (натаму: Законот), оснивачкото Собрание на здружението „Дипломатски клуб“, на седницата одржана на 18 февруари 2010 година во Скопје, го донесе следниов
С Т А Т У Т
на здружението „Дипломатски клуб“
I.ОПШТИ ОДРЕДБИ
Чл. 1 Со овој Статут се одредуваат целите и задачите на здружението Дипломатски клуб (натаму: Дипломатскиот клуб), името, карактерот и седиштето, работата, активностите, правата и обврските на членовите, организацијата и управувањето, правата и обврските на членовите, застапувањето, начинот на добивање, користење и располагање со средствата и сите други прашања значајни за работата на Дипломатскиот клуб, како и престанувањето на неговата активност.
Чл. 2 Дипломатскиот клуб е невладина, доброволна, професионална и непрофитна организација на граѓани во Република Македонија со цел, како активни или поранешни дипломати, да се здружуваат за да работат за општото добро и интересите на Република Македонија и на држави чии дипломатии се залагаат за демократски и современи меѓународни односи.
(2) Дипломатскиот клуб донесува Програма за работа и активности.
Чл. 3 Член на Дипломатскиот клуб може да биде секој активен или поранешен македонски дипломат и секој странски дипломат кој службувал или службува во Република Македонија, без оглед на неговата национална, расна или верска припадност, пол, возраст, сексуална ориентација или убедувања, а кој го прифаќа Статутот на Дипломатскиот клуб и кој доброволно ќе пристапи кон Дипломатскиот клуб потпишувајќи пристапница со која изразува готовност да членува.
Чл. 4 Приемот во членство се врши со испитување на пристапницата од страна на Извршниот одбор и утврдување дека кандидатот го прифаќа овој Статут и Програмата на Дипломатскиот клуб и нема пројавено активности спротивни на условите предвидени во чл. 3 од овој Статут. Пристапницата, при исклучување или престанок на членување во Здружението задолжително се враќа.
(2) Дипломатскиот клуб за своите членови води регистар на членството, кој се ажурира еднаш годишно.
Чл. 5 Членот има право:
- да избира и да биде биран во органите на Дипломатскиот клуб;
- да предлага решавање на прашања од заеднички интерес;
- да работи на развивање и унапредување на општествените и другите активности кои произлегуват од Статутот и Програмата, програмските цели и задачи и од усвоените одлуки и заклучоци;
- да ги спроведува во целост одредбите од Статутот и програмските активности;
- да ги застапува интересите и ставовите на Дипломатскиот клуб;
- да бара стручна и друга помош од областа на меѓународното право и меѓународните односи.
Чл. 6 Обврски на членовите на Дипломатскиот клуб се да земаат конкретно учество во спроведувањето на Програмата на активностите на Дипломатскиот клуб и да присуствуваат на состаноците.
Чл. 7 Секој член може доброволно да истапи од Дипломатскиот клуб, како и да биде исклучен поради нанесување штета на дејноста и угледот на Дипломатскиот клуб и поради делување спротивно на Статутот и актите на Дипломатскиот клуб. Таквото исклучување е двострано доверливо, а само доколку исклучениот член побара, Дипломатскиот клуб ќе му издаде писмено образложение.
Чл. 8 За почесен член на Дипломатскиот клуб може да се избере лице кое се здобило со посебни заслуги во развитокот, активностите и остварувањето на целите и задачите на Дипломатскиот клуб, без оглед на тоа дали е државјанин на Република Македонија или не.
Чл. 9 Дипломатскиот клуб, како здружение на граѓани своите цели, задачи и дејности ќе ги остварува во согласност со односите уредени со Уставот на Република Македонија, овој Статут, со други законски норми кои регулираат материја од оваа област како и согласно меѓународните документи и стандарди од областите на меѓународните односи и политика, меѓународното и дипломатско-конзуларното право.
Чл. 10 Називот на здружението е „Здужение на граѓани: ДИПЛОМАТСКИ КЛУБ“.
Чл. 11 Седиштето на Дипломатскиот клуб е во Скопје, на ул. Вељко Влаховиќ бр. 11, општина Центар.
Чл. 12 Дипломатскиот клуб има својство на правно лице.
(2) Дипломатскиот клуб има свој меморандум, печат и штембил.
(3) Печатот е тркалезен и го содржи името на здружението: „Дипломатски клуб“ – Скопје и неговиот превод на англиски јазик: „Diplomatic Club” Skopje, а во средината се наоѓа симболот: отворена книга со гускино перо преку страниците и латинската изрека „Semel pro semper“ и нејзиниот превод на македонски јазик: „Еднаш – засекогаш“.
(4) Штембилот на Дипломатскиот клуб е правоаголен и на него е испишан следниов текст:
„Дипломатски клуб“
Чл. 13 Работата на Дипломатскиот клуб е јавна.
(2) Јавноста во работењето се обезбедува со редовно известување на членовите на Дипломатскиот клуб за сите облици на работење, со увид во спроведувањето на програмските задачи, со поднесување извештај за работа на органите и телата на Дипломатскиот клуб, за материјално- финансиското работење и друго.
(3) За информирање на членовите и на пошироката јавност се користат печатените и елетронски медиуми.
II. ЦЕЛИ, ЗАДАЧИ И НАЧИНОТ НА НИВНОТО ОСТВАРУВАЊЕ
Чл. 14 Членовите се здружени во Дипломатскиот клуб заради остварување на поширок заеднички интерес сфатен како поврзување на Република Македонија со кругот слободни, праведни и мирољубиви држави кои заеднички дејствуваат во насока на развој на демократски меѓународни односи.
(2) Посебни цели на Дипломатскиот клуб се:
а) да ја поддржува и афирмира примената на Повелбата на Обединетите нации, и консеквентните препораки и сродни документи на Советот на Европа, ОБСЕ, Европската унија и НАТО, како и други демократски меѓународни организации;
б) да ја промовира Република Македонија како современа, демократска држава;
в) да се залага за европска и евро-атлантска, регионална и друга мирољубива интеграција на Република Македонија во меѓународната заедница и примена на меѓународните стандарди и добри практики;
г) да се ангажира во релевантни истражувачки и документациони активности што ќе водат кон објавување на научни и публицистички дела и образовен материјал;
д) да развива соработка со соодветни невладини национални или меѓународни асоцијации со мандат во областа на надворешната политика и дипломатијата во функција на постојано унапредување на заедничките заложби за демократизација на меѓународните односи; и
ѓ) да развива датотеки и компаративни согледувања за најдобрите практики во други земји.
(3) Заради постигнување на своите цели Дипломатскиот клуб го презема следново:
а) развива активности во форма на лобирање, едукација по пат на семинари и работилници посебно во областите на презентација на усвоените или меѓународните документи и договори во подготовка, преговарање и медијаторство, експертско-консултативни дејствија, вклучувајќи и изготовка на студии, организирање трибини и тркалезни маси во функција на јавна расправа, иницирање законски и подзаконски промени и новелирање на македонската легислатива, како и издавачки дејности;
б) изготвува и публикува годишен осврт за развојот на меѓународната положба на Република Македонија во меѓународната заедница;
в) ги нуди на македонската јавност најновите и актуелни достигнувања на меѓународната заедница и предлага форми за нивна прилагодена примена во македонските институции и јавен живот; и
г) прибира, прима и создава материјално-финансиски средства со кои ќе се овозможат активностите на Дипломатскиот клуб.
(4) Имајќи ја предвид спецификата на мандатната област со која се занимава, и, во тој контекст улогата на институциите со законски надлежности, Дипломатскиот клуб тесно ќе соработува и ќе се координира пред се’ со Министерството за надворешни работи на Република Македонија, а за што би се потпишал и соодветен договор.
(5) Дипломатскиот клуб, ќе соработува и со комисијата надлежна за надворешна политика на Собранието на Република Македонија, како и со службите надлежни за оваа проблематика при кабинетите на Претседателот на Републиката, Претседателот на Собранието и Претседателот на Влaдата на Република Македонија.
(6) Во зависност од тематската определеност на конкретна активност, Дипломатскиот клуб ќе оствари соработка и со работните единици надлежни за меѓународна соработка при ресорните министерства и органи на управата, како и со други соодветни и невладини организации.
III. ФИНАНСИРАЊЕ НА ДИПЛОМАТСКИОТ КЛУБ
Чл. 15 Дипломатскиот клуб може да остварува средства од:
- доброволни прилози, донации, подароци и легати;
- Буџетот на Републиката, Буџетите на единиците на локалната самоуправа и Буџетот на Град Скопје;
- провизии од органи, организации, заедници и од други услуги;
- спонзорства од трговски друштва;
- проектна соработка со Министерството за надворешни работи на Република Македонија; и
- од други услуги.
Чл. 16 Користењето и располагањето со средствата на Дипломатскиот клуб добиени по основите од претходниот член се врши на начин утврден со овој Статут и соодветните законски норми.
Чл. 17 За користењето и располагањето со средствата одлучуваат органите на Дипломатскиот клуб, согласно надлежностите утврдени со овој Статут, кои преземаат мерки за законско и економско целесообразно користење на средствата и за спречување и отстранување на незаконитостите.
Чл. 18 Дипломатскиот клуб донесува годишен финансиски план за приходите и расходите на Дипломатскиот клуб.
Финансискиот план ги содржи приходите кои се стекнуваат по чл. 15 од овој Статут, како и расходите за општествената активност, за плати на вработените, за заедничка потрошувачка на вработените, материјални трошоци за работа на Дипломатскиот клуб и други расходи сврзани со работата.
Чл. 19 Дипломатскиот клуб има своја трансакциона и жиро-сметка.
IV. ОРГАНИ НА ДИПЛОМАТСКИОТ КЛУБ
Чл. 20 Органи на Дипломатскиот клуб се:
1. Собранието;
2. Извршниот одбор и
3. Претседател
Чл. 21 Со Дипломатскиот клуб управува организираното членство на Дипломатскиот клуб непосредно или преку свои претставници во органите.
Чл. 22 Собранието е највисок орган на Дипломатскиот клуб.
(2) Собранието го сочинуваат сите членови на Дипломатскиот клуб.
(3) Собранието се состанува по потреба, а најмалку еднаш годишно.
Чл. 23 Седници на Собранието свикува претседателот на Дипломатскиот клуб најдоцна 7 дена пред предвидениот термин, а редовната, годишна седница најдоцна 14 дена пред терминот утврден на претходната седница на Собранието.
(2) Седница на Собранието може да се свика и по предлог на Извршниот одбор или на 1/5 од вкупниот број членови на Собранието.
(3) Ако претседателот на Дипломатскиот клуб во рок од 14 дена од денот на дадениот предлог не свика седница, седницата ја свикува Извршниот одбор или иницијаторите.
(4) Седница на Собранието за работата на Извршниот одбор може да се свика и по предлог на надзорната комисија.
(5) Начинот на свикување на седниците на Собранието на Дипломатскиот клуб се определува со Собранискиот деловник.
Чл. 24 Собранието полноважно одлучува ако се присутни повеќе од една половина од вкупниот број членови.
(2) Собранието по правило одлуките ги донесува со мнозинство гласови од присутните членови. Собранието за секоја седница одделно избира претседавач.
(3) Одлуките на Собранието се задолжителни за сите органи и членови на Дипломатскиот клуб.
Чл. 25 Собранието:
- донесува Статут на Дипломатскиот клуб и врши измени и дополнувања на истиот,
- избира и разрешува членови на Извршниот одбор, вклучувајќи го и Претседателот и Потпретседателот на Дипломатскиот клуб и други органи на Дипломатскиот клуб
- усвојува Програма за работа на Дипломатскиот клуб и операционализира годишни програми,
- го разгледува и усвојува извештајот за работа на Извршниот одбор помеѓу две собранија,
- го разгледува и усвојува извештајот за материјално-финансиската работа на Дипломатскиот клуб помеѓу две собранија,
- донесува финансиски план и усвојува завршна сметка на Дипломатскиот клуб,
- расправа за постигнатите резултати од развојот на Дипломатскиот клуб и дава насоки за натамошен развој на Дипломатскиот клуб,
- одлучува за здружување или разделување од друго здружение и за зачленување во сојузи и меѓународни организации,
- одлучува за престанок на Дипломатскиот клуб со двотретинско мнозинство,
- донесува одлуки, заклучоци, препораки за решавање на прашања од интерес на Дипломатскиот клуб,
- врши и други работи кои произлегуваат од Статутот и законите.
Чл. 26 Собранието одлучува со јавно гласање.
(2) Секој член на Собранието има право на еден глас.
(3) Собранието формира и ги избира членовите на своите помошни тела.
Чл. 27 Извршниот одбор на Дипломатскиот клуб (натаму: Одборот) е составен од седум члена, вклучувајќи ги Претседателот и Потпретседателот на Дипломатскиот клуб, со двегодишен мандат и можност за еден реизбор.
Чл. 28 Членовите на Одборот имаат еднакво право на глас, а се изземаат од гласање само за прашања поврзани со него лично, со неговиот брачен другар или роднина до втор степен и за прашања кои се однесуваат на некое правно лице врз кое тој има контрола или економски интерес.
Чл. 29 Одборот како работоводен орган на Дипломатскиот клуб одлучува по можност со консенсус, а доколку тоа не е можно со мнозинство од вкупниот број членови.
Чл. 30 Одборот:
- ги спроведува статутарните и програмските задачи на Дипломатскиот клуб, како и одлуките и заклучоците на Собранието;
- донесува и реализира годишна програма за работа;
- предлага измени и дополнување на Статутот;
- ја спроведува политиката, заклучоците и одлуките донесени од Собранието;
- донесува соодветни правилници, прифаќа спогодби и склучува договори;
- свикува седници на Собранието и подготвува материјали;
- управува и одговара за управувањето со имотот на Дипломатскиот клуб;
- донесува одлуки за формирање на постојани и повремени комиссии за проекти и за мрежи од соработници и ја насочува нивната работа;
- иницира и/или ги одобрува проектите и ги назначува раководителите на проектите;
- редовно го следи и насочува реализирањето на проектите;
- организира и активно учествува во организирањето на разни акции и манифестации;
- донесува одлуки за награди и признанија;
- постапува како работодавач во однос на стручната служба;
- дава согласност на Правилникот за организацијата на работите и работните задачи на стручната служба на Дипломатскиот клуб.
- донесува одлуки по приговори и жалби,
- подготвува годишен или периодичен извештај за својата работа.
- врши и други работи кои произлегуваат од потребите на Статутот на Дипломатскиот клуб.
Чл. 31 Членовите на Одборот за својот ангажман остваруваат надокнада согласно финансиските можности на Дипломатскиот клуб и согласно своите активности.
Чл. 32 Одборот заседава најмалки еднаш месечно, освен во јули и август, а во неговата работа има право да учествува без право на глас секој раководител на проект.
Чл. 33 Одборот за својата работа е одговорен пред Собранието на Дипломатскиот клуб, а начинот на свикување на седницата и други прашања од работењето на Одборот се уредуваат со Извршниот деловник што Одборот го донесува најдоцна три месеци по регистрацијата на Дипломатскиот клуб.
Чл. 34 Претседателот
(1) Го претставува Дипломатскиот клуб во односите со МНР, државата и сите други владини и невладини организации и институции, како и со странство, е одговорен за спроведувањето на Статутот, одлуките и ставовите на Дипломатскиот клуб и Одборот и е овластен толкувач на ставовите и интересите на Дипломатскиот клуб.
(2) Тој е одговорен за спроведувањето на политиката активностите на Дипломатскиот клуб и Одборот меѓу два состанока на Одборот. За сите одлуки донесени во таквите периоди го известува Одборот којшто се изјаснува дали таквата одлука е применлива и во идни ситуации.
(3) Претседателот го застапува Дипломатскиот клуб во правниот пшромет и спрема трети лица.
(4) Претдедателот не смее да има изборна или друга државна функција, ниту пак е член на било која политичка партија што може да доведе до конфликт со целите на Дипломатскиот клуб како невладина организација.
Чл. 35 Потпретседателот го избира Собранието, а го заменува претседателот и ги врши сите негови работи предвидени со овој Статут во време на негово најавено или наметнато отсуство. Потпретседателот е должен по враќањето на претседателот да го извести за сите активности превземени во периодот на неговото отсуство.
V. ТЕЛА НА ДИПЛОМАТСКИОТ КЛУБ
Чл. 36 Тела на Дипломатскиот клуб се:
1. Стручната служба
2. Секретарот и
3. Надзорна комисија
Чл. 37 За извршување на административно-стручни, помошни и на нив слични работи од заеднички интерес за остварување на задачите и целите на Дипломатскиот клуб се формира Стручна служба на Дипломатскиот клуб.
(2) Главна функција на Стручната служба е да ги подготвува состаноците на Одборот и Собранието; да ги реализира проектните активности согласно насоките на раководителот на проектот, но организирани од страна на Секретарот на Стручната служба; да ги подготвува нацртите на сите извештаи, како и да ги следи состојбите на планот на надворешната политика, дилпоматијата, човековите права и слободи во земјата и за истото да го известува на дневна база претседателот на Дипломатскиот клуб.
(3) Ниту еден член на Стручната служба, вклучувајќи го и нејзиниот Секретар – не може да биде член на Одборот, ниту член на Дипломатскиот клуб со право на глас на седниците на Собраниетот на Дипломатскиот клуб.
Чл. 38 Правата и обврските и одговорностите за работа на вработените во Службата се утврдуваат со работен договор што е во согласност со законските норми на Република Македонија, а го склучуваат лицето што се вработува, од една, и претседателот на Дипломатскиот клуб и Секретарот од друга страна.
Чл. 39 Средства за работа на стручната служба се определуваат со Финансиски план секоја година и тоа: средства за плати, средства за заедничка потрошувачка, средства за материјални трошоци, средства за посебна намена за нормално извршување на функцијата.
Чл. 40 Со стручната служба на Дипломатскиот клуб раководи Секретар, по можност професионално ангажиран.
(2) Секретарот го именува и разрешува Одборот, согласно условите кои се утврдени со посебна одлука.
(3) Задолжувањето со задачи, како и реализацијата на задачите од страна на вработените ги следи и ги оценува Секретарот, кој е наедно, надлежен и за истакнување предлози за стимулација, за унапредување и за поведување дисциплинска постапка, како и за донесување одлука за суспендирање на вработениот со траење до првата наредна седница на Одборот, а најмногу до еден месец.
Чл. 41 Права, обврски и надлежности на Секретарот:
- Секретарот има статус на раководител на Стручната служба и ги извршува сите права и обврски кои произлегуваат од Законот за работни односи,
- Секретарот е одговорен за извршувањето на Финансискиот план и Програмата за работа,
- се грижи за благовремено извршување на одлуките и заклучоците донесени од Собранието и Одборот,
- во правниот промет презема мерки и дејствија во име и за сметка на Дипломатскиот клуб, склучува договори, спогодби во име и за сметка на Дипломатскиот клуб од областа на административно-техничките прашања, а согласно добиеното овластување за потпишувања од страна на претседателот на Дипломатскиот клуб;
- се грижи за правилната примена на законските прописи од областа на дејностите што ги врши Дипломатскиот клуб, а доколку поради тоа смета дека определена активност на Дипломатскиот клуб може да се судри со законот, за тоа му сигнализира на претседателот на Дипломатскиот клуб, одн. Одборот во писмена форма.
Во извршувањето на задачите, на Секретарот му помага, а во негово отсуство и го заменува организациониот менаџер на стручната служба.
Чл. 42 Заради извршувања на статутарните и програмски задачи и одлуки на Собранието и Одборот, Одборот може да формира Надзорна комисија од три члена и други работни тела.
(2) Надзорната комисија врши контрола над спроведувањето на финансиските одредби на овој Статут и контрола за наменски располагања со средствата и приходите на Дипломатскиот клуб.
(3) Своите наоди и одлуки Надзорната комисија ги доставува и до Собранието и до Одборот.
VI. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Чл. 43 Дипломатскиот клуб ќе престане со работа ако за тоа одлучат членовите на Дипломатскиот клуб, ако бројот на членовите се намали под бројот определен за основање, ако настапат причини утврдени во чл. 52 од Законот.
Одлука на престанок на Дипломатскиот клуб донесува Собранието со двотретинско мнозинство на Дипломатскиот клуб.
Чл. 44 Во случај на престанок со работа, средствата на Дипломатскиот клуб се делат рамноправно меѓу оснивачите на Дипломатскиот клуб кои се негови членови во моментот на донесувањето на Одлуката за престанок на работата.
Чл. 45 Право на автентично толкување на одредбите од овој Статут има Собранието, а помеѓу две собранија – Одборот.
Чл. 46 Измени и дополнувања на овој Статут се вршат по иста постапка како и за неговото донесување.
Претседател на основачкото собрание на Дипломатскиот клуб
Скопје, 12 март 2010 година Сашко Тодоровски