Добродојдовте во
Дипломатскиот клуб во Скопје!
Да, во Скопје, во главниот град на Република Северна Македонија, град кој веќе четврта деценија е домаќин на десетици дипломатски мисии на странски држави. Во Скопје, град кој има долга дипломатско-конзуларна традиција уште од времето кога и Македонија беше во составот на Отоманската Империја, кога во нашиот град беа отворени и делуваа конзулатите на Франција, Италија, Србија, Бугарија и други.
Денес, со задоволство можеме да констатираме дека во Скопје се одвиваат интензивни дипломатски активности и живот. Во него се акредитирани 33 резидентни амбасади и 26 претставништва на меѓународни организации и мисии, како и 26 почесни конзули (додека во Битола 5, во Штип 3, во Охрид 3 и по еден почесен конзул во Струмица, Тетово, Струга, Кавадарци, Куманово).
Здружението на граѓани Дипломатскиот клуб – Скопје во кое членуваат активни и пензионирани македонски дипломати веќе 15 години од своето основање, со своите програмски активности и во комуникација и соработка со странските дипломатски претставништва, се стреми кон афирмација на вредностите и интересите на нашата држава.