Дипломатски клуб – Скопје (ДКС), на 19 мај 2026 г. во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, го одржа редовното Годишно изборно собрание со учество на преку триесетина членови.
Претседателот на ДКС, амбасадорот Јован Теговски во воведното обраќање се осврна на остварените резултати во периодот 2024-2026 година и повеќе од педесетината разновидни активности – конференции, тркалезни маси, панел дискусии; средби со домашни истакнати личности и странски амбасадори, континуитетот во издавањето на списанието “Дипломатски летопис“, потпишување на неколку меморандуми за соработка, зголемување на бројот на членството итн. Особено ја нагласи успешната соработка со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Г-дин Зоран Димитровски, заменик министер за надворешни работи и надворешна трговија, којшто на Собранието присуствуваше во својство на специјален гостин, во своето поздравно обраќање ја нагласи важноста од активностите и делувањето на здруженијата како што е ДКС во промоцијата на надворешната политика на државата и неговата едукативна улога во однос на младите дипломати
Собранието ги избра членовите на органите и телата на ДКС – Извршниот одбор, Надзорниот одбор, како и членовите на Издавачкиот совет и Редакцијата на „Дипломатски летопис“. За претседател на ДКС беше реизбран амбасадорот Јован Теговски.
Воедно, беа разгледани и усвоени извештаите за работата и финансиското работење на Клубот за периодот 2024–2026 година, како и Програмата за работа во периодот 2026–2028 година.
Во дискусијата позитивно беа оценети активностите и ангажманот на членовите на клубот во изминатиот период, при што беше истакнато дека здружението продолжува успешно да ја зацврстува својата позиција како значајна платформа за дипломатска, академска и јавна дебата по голем број актуелни прашања од надворешната политика на државата и меѓународните односи. Особено беше нагласена потребата од поголемо вклучување на младите во активностите на клубот и на списанието „Дипломатски летопис“ преку воспоставување поинтензивна соработка со млади дипломати, студенти, млади истражувачи и младински организации.



