Во организација на Дипломатски клуб – Скопје и Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје на 6 мај, 2026 година се одржа конференција на високо ниво на тема “30 години на европскиот пат: односи Северна Македонија – ЕУ и патот напред“. Целта на конференцијата беше да се одбележат два исклучително важни и историски настани во односите помеѓу нашата земја и ЕУ: 30 години од воспоставувањето дипломатски односи и 25 години од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, но и да се отвори дискусија за предизвиците и чекорите коишто Северна Македонија треба да ги преземе за забрзување на нејзиниот евроинтегративен процес.
Во воведните обраќања на Беким Сали, прв заменик претседател на Владата и министер за европски прашања, Михалис Рокас, амбасадор на Европската унија во Северна Македонија, проф. д-р Сашо Георгиевски, декан на Правниот факултет и Јован Теговски, претседател на Дипломатскиот клуб – Скопје беше истакнаа потребата од кредибилен и предвидлив процес на пристапување, заснован на суштински реформи, владеење на правото и засилена доверба во процесот.
Министерот Сали укажа дека кредибилен процес на проширување бара паралелна посветеност, испорака на реформи од страна на земјите кандидати и предвидливост од страна на ЕУ, додека амбасадорот Рокас подвлече дека во овој момент недостигапрагматизам, одлучност и желба за обединување на политички план а со цел државатада ги отпочне преговорите за членство со ЕУ. Деканот Георгиевски се осврна на првите години од нашиот пат кон ЕУ во коишто имало големи очекувања, нереална надеж, но и потфрлања. Амбасадорот Теговски зборуваше за важноста младите да бидат активно вклучени во пристапниот процес и ја истакна потребата нивниот глас да биде слушнат и прифатен.
Во рамки на конференцијата беа одржани и два тематски панели: 1) заживување на европскиот пат во контекст на геополитичките случувања, улогата на младите на тој пат и следниот прозорец на проширување, 2) владеењето на правото и економската конвергенција како неопходни темели за кредибилен процес на пристапување а на коишто, помеѓу другите, како панелисти или модератори настапија младите европски амбасадори Иван Дургутов, Стефан Атанасовски Трајковиќ и Дамјан Златановски.
На конференцијата присуствуваа амбасадори на земјите членки на ЕУ во Северна Македонија, поголем број студенти и младински активисти, видни претставници на академската и бизнис заедницата, граѓанското општество и медиумите.

