На 11 и 12 јуни 2026 година во Скопје се одржа меѓународна научна конференција „Мултиполарност и одржлива безбедност во Европа“, организирана од Институтот за безбедност, одбрана и мировни студии при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во соработка со неколку партнери, меѓу кои и Дипломатскиот клуб – Скопје.
На конференцијата учествуваа заменикот министер за одбрана на Северна Македонија Адмир Шабани, деканот на Филозофскиот факултет Оливер Бакрески, заменикот шеф на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија Бен Нупнау, програмскиот директор на конференцијата Лидија Георгиева, како и истакнати универзитетски професори, истражувачи, дипломати и експерти од Северна Македонија, регионот и Европа. Агендата, помеѓу другите,офати и теми поврзани со мултиполарноста и европската безбедност, регионалната соработка и безбедносната меѓузависност, безбедносниот комплекс на Западниот Балкан, дипломатијата, меката и структурната моќ, заштитата на критичната инфраструктура, хибридните закани и др.
Претседателот на Дипломатскиот клуб – Скопје, Јован Теговски, во своето излагање на тема „Дипломатија, мека моќ и структурна моќ во безбедносното опкружување на Југоисточна Европа“ ја нагласи растечката важност на дипломатијата како еден од клучните инструменти за унапредување на безбедноста и стабилноста, надминување на разликите, решавање на отворените прашања, зајакнување на отпорноста и градење на меѓународната позиција на малите држави во услови на засилена геополитичка конкуренција. Посебно внимание посветина актуелните случувања во политиката на проширувањето на ЕУ и влијанието на структурната моќ на ЕУ и нејзините земји членки врз пристапните процеси на земјите кандидати од Западен Балкан.
Со коорганизирањето на оваа значајна научна конференција и активното учество во нејзината програма, Дипломатскиот клуб – Скопје ја потврдува својата улога како релевантен партнер во промовирањето на академскиот и јавниот дијалог за меѓународните односи, дипломатијата, европската интеграција и безбедноста, како и својата посветеност кон јакнење на меѓународната соработка.


