Во согласност со програмските определби за посветување поголемо внимание на младите и нивно поактивно вклучување во активностите на Дипломатскиот клуб – Скопје (ДКС), претседателот на Клубот, амбасадорот Јован Теговски, на 1 јуни 2026 година оствари средба со раководителот на локалната Канцеларија на Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), г. Владимир Ѓорѓевски.
На средбата беа разменети информации за тековните активности и идните планови на ДКС и RYCO, при што посебно внимание беше посветено на можностите за воспоставување и развивање меѓусебна соработка во повеќе области од заеднички интерес.
Претседателот Теговски ја истакна подготвеноста на Дипломатскиот клуб – Скопје активно да се вклучи во реализацијата на дел од програмите и проектите на RYCO, особено во сферата на дипломатската едукација на младите, учеството во програми за младинска размена меѓу земјите од Западен Балкан, како и во организирањето заеднички конференции, работилници, дебати и други настани посветени на регионалната соработка, меѓу–културниот дијалог и европските вредности.
Во таа насока беше изразена заедничка подготвеност за воспоставување поконкретни форми на институционална соработка во периодот што следи.
Во текот на разговорот, на г. Ѓорѓевски му беше предложено да подготви авторски текст за активностите и улогата на RYCO во унапредувањето на младинската соработка во регионот, којшто би бил објавен во наредниот број на списанието „Дипломатски летопис“. Предлогот беше прифатен со особено задоволство.
Дипломатскиот клуб – Скопје и во иднина ќе продолжи да развива иницијативи насочени кон поголемо вклучување на младите во процесите на меѓународна соработка, дипломатија и регионално поврзување, препознавајќи ги како важен фактор во градењето на поуспешна и поперспективна иднина.

