Дипломатскиот клуб – Скопје (ДКС) на 19 мај, 2026 година одржа редовно изборно собрание на чиј што дневен ред, помеѓу другите точки, беа и оние во врска со изборот на членови на органите и телата на Клубот, како и на неговата раководна структура. Собранието за членови во органите и телата, со едногласни одлуки, ги избра:
ИЗВРШЕН ОДБОР
Г-дин Јован Теговски
Г-ѓица Сања Зографска
Г-дин Виктор Габер
Г-дин Огнен Малески
Г-ѓица Шпреса Јусуфи
Г-ѓица Бети Јачева
Г-дин Данчо Марковски
НАДЗОРНА КОМИСИЈА
Г-дин Благој Зашов
Г-ѓица Лина Огненова
Г-дин Јошко Станковиќ
ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДКС
Г-дин Јован Теговски
ПОТПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДКС
Г-ѓица Сања Зографска
СЕКРЕТАР НА ДКС
Г-дин Виктор Габер
Со едногласна одлука на управувачките позиции на ДКС беа избрани:



Почитувани членови и пријатели на Дипломатскиот клуб-Скопје,
Ми претставува особена чест што повторно ја добив довербата да ја извршувам функцијата претседател на Дипломатскиот клуб-Скопје. Ова признание го доживувам како голема обврска, но и како поттик со уште поголема енергија и посветеност да придонесувам кон натамошниот развој, модернизација и меѓународна афирмација на Клубот како релевантен форум за дипломатски дијалог, размена на искуства и промоција на современите дипломатски вредности.
Во период обележан со сложени геополитички процеси, безбедносни предизвици, економски трансформации и динамични меѓународни односи, дипломатијата останува клучен инструмент за градење доверба, унапредување на партнерствата и зачувување на стабилноста. Токму затоа, Дипломатскиот клуб-Скопје и во иднина ќе дејствува како активен чинител во јакнењето на јавната дипломатска мисла, поттикнувањето на конструктивен дијалог и афирмацијата на надворешно-политичките приоритети на нашата држава.
И претстојниот период ќе биде исполнет со активности насочени кон продлабочување на дипломатската и културната соработка, како и со одбележување значајни јубилеи поврзани со македонската држава и дипломатија. Ќе останеме цврсто определени кон поддршка на евроинтегративните процеси, развојот на добрососедските односи и регионалната стабилност, унапредувањето на мултилатералната соработка, како и зацврстувањето на партнерствата со нашите пријатели и сојузници. Особено значење ќе има и континуираното издавање на специјализираното списание “Дипломатски летопис“, како препознатлив простор за стручна анализа и дипломатска мисла.
Посебно внимание ќе посветиме на меѓугенерациската соработка и активното вклучување на младите дипломати, истражувачи, студенти и интелектуалци во програмските активности на Клубот, уверени дека иднината се гради преку споделување знаење, искуство и нови идеи.
Убеден сум дека со заеднички ангажман, взаемна почит и отворен дијалог ќе ја збогатиме нашата работа со нови иницијативи и современи содржини, продолжувајќи да го јакнеме угледот на Дипломатскиот клуб-Скопје и неговото значајно место во јавниот, академскиот и дипломатскиот живот на нашата држава, но и на поширок меѓународен план.
Ви благодарам за довербата, поддршката и пријателството.
Амбасадор Јован Теговски
Претседател на Дипломатски клуб – Скопје
