Вовед
Дипломатскиот клуб – Скопје (ДКС), во согласност со својата мисија за афирмација на македонската дипломатија, унапредување на јавната дебата за надворешната политика и меѓународните односи и поттикнување на соработката меѓу дипломатската, академската, бизнис и младинската заедница, ја утврдува својата Програма на активности за периодот 2026–2028 година.
Во наредниот период ДКС ќе продолжи да дејствува како релевантна платформа за стручен дијалог, размена на идеи и промоција на дипломатските вредности, со посебен акцент на европските и евроатлантските интеграции, улогата на македонската надворешна политика, современите геополитички и безбедносни предизвици и развојот на економската, културната, јавната и дигиталната дипломатија.
Стратешки цели
- натамошна афирмација на Клубот како значаен форум за дипломатија и меѓународни односи
- продлабочување на соработката со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, дипломатскиот кор, академските институции, бизнис-заедницата и граѓанскиот сектор;
- поголема вклученост на младите дипломати, студенти и истражувачи
- зајакнување на издавачката и дигиталната дејност
- унапредување на финансиската одржливост и јавната видливост на Клубот.
Програмски активности
- организирање активности по повод Денот на македонската дипломатија и други значајни датуми поврзани со меѓународната афирмација и дипломатскиот развој на државата.
- одбележувањето на повеќе значајни јубилеи од современата политичка, уставна и дипломатска историја на Македонија, како и на развојот на односите со Европската Унија.
- организирање на меѓународни конференции, тркалезни маси, панел-дискусии, јавни дебати, тематски трибини, едукативни работилници и промоции на публикации и авторски дела.
Приоритетни теми
- надворешната политика на Република Северна Македонија
- европските интеграции и иднината на Европската Унија
- НАТО, регионалната и европската безбедност
- геополитичките и геоекономските предизвици;
- улогата на малите држави во современите меѓународни односи
- регионалната соработка на Западен Балкан;
- економската, културната, јавната, климатската и дигиталната дипломатија
- енергетската и сајбер-безбедноста;
- примената на вештачката интелигенција во дипломатијата.
Млади и дипломатска едукација
Особено внимание ќе биде посветено на младите преку организирање образовни и менторски програми, средби со искусни дипломати, соработка со универзитети и училишта и поттикнување на учеството на млади автори и истражувачи во активностите и публикациите на ДКС.
Дипломатски дијалог и соработка
ДКС ќе продолжи да организира средби со странски амбасадори, претставници на меѓународни организации, државни институции, академската и бизнис-заедницата, како и гостувања на истакнати домашни и странски личности.
Издавачка и дигитална дејност
ДКС ќе продолжи со издавање на списанието „Дипломатски летопис“, објавување стручни и научни трудови и унапредување на неговата дигитална достапност.
Воедно, ќе се работи на понатамошен развој на веб-страницата и присуството на социјалните мрежи, со цел подобра комуникација со јавноста и создавање дигитална архива на активностите и публикациите.
Организациски развој и одржливост
Клубот ќе работи на проширување и подмладување на членството, поголема активност на членовите, јакнење на организациските капацитети. обезбедување спонзорства, донации, проектна поддршка и партнерства со институции и компании.
Заклучок
Во периодот 2026–2028 година Дипломатскиот клуб – Скопје ќе продолжи активно да придонесува кон развојот на дипломатската мисла, меѓународната соработка и јавната дебата за клучните прашања од областа на надворешната политика и меѓународните односи.
Преку реализацијата на предвидените активности, Клубот ќе ја зацврстува својата позиција како значаен форум за дипломатски дијалог, стручни анализи и размена на идеи, со активно учество на дипломатите, академската и бизнис заедницата, младите и граѓанското општество.
Претседател на Дипломатскиот клуб
Јован Теговски
Скопје, 04.06.2026 година