Skip to content
Почетна > Одржано редовното годишно собрание на Дипломатскиот клуб – Скопје

Одржано редовното годишно собрание на Дипломатскиот клуб – Скопје

На 15 мај 2025 година, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, беше одржано редовното годишно собрание на Дипломатскиот клуб – Скопје.

Собранието, покрај вообичаените точки за остварените и идните активности на Клубот, имаше и свечен карактер со цел одбележување на двата значајни јубилеи – 15-годишнината од формирањето и делувањето на Клубот и 10-годишнината од излегувањето на првиот број на специјализираното списание “Дипломатски летопис“.

Во освртот на 15-годишнината од формирањето на Клубот, неговиот прв претседател, амбасадорот Виктор Габер истакна дека целта за постоење на форум на којшто во неформална атмосфера ќе се разменуваат мислења за дипломатијата и надворешната политика на нашата држава, е постигната. Членовите на Клубот почувствуваа одговорност нивното дипломатско искуство да остане забележено и да биде достапно, пренесено на новите генерации дипломати, а дипломатијата да биде разбрана како одговорна, стручна, и креативна функција во афирмација на интересите на државата, а особено на нејзините надворешно-политичките стратешки одлуки. Тој, меѓудругот, го нагласи и придонесот на Клубот во покренувањето стручен и јавен дискурс за местото и важноста на дипломатијата, како еден од трите класични столбови на една државна структура, каква што треба да има и државата Македонија.

Во освртот на 10-годишнината од “Дипломатскиот летопис“ првиот  главен и одговорен уредник на списанието, дипломатот Драган Јањатов посочи дека со текот на времето „Летописот“ стана препознатлив знак на целокупните пројави и активности на Дипломатскиот клуб, факт што ја крепи и поттикнува нашата професионална гордост. Зад нас е еден возбудлив период, успешен, но тежок. Иднината од нас ќе бара уште повеќе промисленост и упорност. Но ние нема зошто да стравуваме од тој и таков предизвик. Еден успешен чекор носи следен, уште поуспешен. Летвичката е подигната повисоко и треба таму да остане.

Актуелниот претседател на Клубот, амбасадорот Јован Теговски се осврна на работењето на Клубот во изминатиот едногодишен период и планираните активности во наредниот период. Искажа голема благодарност за сите членови на Клубот коишто во изминатите 15 години со постојан ангажман, голем труд и висок професионализам, успеаа да ги профилираат и Клубот и “Дипломатскиот летопис“ како препознатливи, веродостојни и сериозни платформи за размена на мислења од надворешната политика на нашата земја и воопшто на актуелните меѓународни односи, како и вредни извори на анализи, авторски текстови на истакнати државни функционери и експерти, и информации со дипломатска содржина од најширок спектар на области.

Во дискусијата на присутните членови, исто така, беа искажани највисоки за постигнатите резултати на Клубот во изминатите 15 години и беа дадени идеи за натамошно унапредување на неговата работа во иднина.

 

Сподели ја оваа објава на: