Skip to content
Почетна > SIMUN 2025 Skopje International Model United Nations Conference

SIMUN 2025 Skopje International Model United Nations Conference

Претседателот на Дипломатскиот клуб – Скопје, амбасадорот Јован Теговски имаше поздравно обраќање на свеченото отворање на SIMUN 2025 што се одржа на 2 јуни 2025 година во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Со овој чин беше означен почетокот на тридневниот меѓународен собир наменет за младите од регионот и пошироко а во функција на усовршување на нивните дипломатски, реторички и лидерски вештини преку симулација на работата на телата на Обединетите нации.

На отворањето на настанот поздравни обраќања имаа Зоран Димитровски, заменик министер за надворешни работи и надворешна трговија, Рита Колумбиа резидентен координатор на ОН за Северна Македонија, високи претставници на канцелариите на ОН во Скопје и Георгина Коминовска, генерален секретар на МУНА – Асоцијација за Обединети Нации во Северна Македонија а којашто е и организатор на конференцијата.

Претседателот на клубот Теговски упати најсрдечни поздрави до учесниците посочувајќи ја важноста на овој вид конференции коишто не се само дипломатски симулации или академски вежби, туку се уникатен форум за размена на идеи, за соочување со сложени глобални прашања и нивно решавање, како и место, преку коешто гласот на младите, нивните идеи и размислувања придонесуваат во развојот и градењето на ефикасна и успешна дипломатија.

Теговски нагласи дека учеството на Дипломатскиот клуб на овој настан претставува поддршка на иницијативите што ја промовираат младинската вклученост во меѓународната соработка и дипломатијата, како и потврда на нашата посветеност да ги поттикнуваме новите генерации млади професионални дипломати кон глобалните вредности на мир, соработка и разбирање. Воедно, кусо се осврна и на јубилеите коишто клубот ги одбележува оваа 2025 година – 15 години од неговото формирање и 10 години од излегувањето на специјализираното списание “Дипломатски летопис“(кликни за целото обраќање).

 



Сподели ја оваа објава на: