На својата седница одржана на 23 декември 2023 година, членовите на Дипломатскиот клуб се осврнаа на спроведувањето на иницијативата „Отворен Балкан“, досегашните резултати и актуелните состојби околу оваа иницијатива покрената од Република Северна Македонија, Република Албанија и Република Србија.
Воведничар за расправата беше Благој Зашов, кој особено се задржа на одделни тешкотии во развојот на иницијативите за што потесна соработка на балканските земји. Беше истакнато дека од барањето за ваква расправа (на Клубот пред МНР на РС Македонија во септември 2022) не е добиен одговор, па членовите на Дипломатскиот клуб сметаат дека, заради значајот на оваа иницијатива за меѓусебните односи на државите на Балканот таква расправа треба да се одржи. Дека треба да се подржуваат иницијативи кои придонесуваат за меѓусебна соработка и воедначување на системите на балканските држави во процесот нивниот напор за интегрирање во ЕУ.
Беше констатирано дека „Отворен Балкан“ даде поттик на унапредување на односите во одделни сфери меѓу државите иницијатори, а веќе се видни резултатите во областа на економијата, транспортот, административните процедури, во процесот за воедначување на европските вредности, како и дека се прават напори за привлекување и на Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово во неа. Последново особено бидејќи и најзначајните општествени фактори во овие држави се определени и својата иднина ја гледаат како членки на Европската унија. Меѓутоа во тој напор се видни и отпори, пред сѐ од внатре-политички, но и надворешно-политички карактер.
Во искажаните мислења по повод оваа иницијатива, во расправата беше нагласено дека таа има регионален, но и геополитички карактер, односно зависно во третманот (од кој агол се третира – економски или политички) на нејзиното реализирање, се извлекуваат парцијални заклучоци за нејзината оправданост. Неспорно е дека оваа иницијатива има за цел развој на добрососедските односи и за зајакнување на довербата и безбедноста во регионот, што е интенција и на други регионални иницијативи за регионот на ниво на Европа. Се заклучи дека постигнатите економски и социјални придобивки сѐуште се ограничени, не само заради нецелосниот опфат на балканските земји-кандидати за членство во ЕУ, туку и заради некои отворени билатерални спорови меѓу нив.
Во дискусијата се нотирани и серија на експертски мислења дека „Отворен Балкан“ неврамнотежено носи придобивки за одделни членки (Србија) и дека преку оваа иницијатива се врши обид за инфилтрација на интереси спротивни на напорот на Западот за интегрирање на Балканот во евроатланските структури и изградба на демократски општества со стабилизирање на правната држава и одлучна борба против организираниот криминал и корупцијата. Воедно, како нереални се сметаат и коментарите дека со „Отворен Балкан“ се прави обид за реставрација на односите иманентни за поранешната југо федерација, бидејќи во т.н. Западен Балкан денес има држави кои се членки на НАТО, кои ги отпочнале преговорите за членство во ЕУ, односно дека целата своја стратешка определба ја насочуваат кон Западот. Во дискусиите беше истакната и потребата од надминување на актуелните, акутни тензии и пречки во евроатланската интеграција на регионот, како што се блокадите на Косово во светлина на односите Приштина – Белград, уставните промени во РС Македонија, хибридните напади со „вкус“ на сајбер војна против стратешките определби на народите на Балканот.
Дискутантите изнесоа мислење дека недостатокот на лидерство во ЕУ кон регионот и само формалната поддршка на вакви автохтони иницијативи од страна на Берлин, Париз и Вашингтон, нив ги прави ранливи и постигнатите резултати ги доведува во прашање, иако тие се во вредностите рамки прокламирани и реализирани на Западот. Скептицизмот кај одделни влијателни членки на ЕУ може да се надмине со отворање дијалог и хармонизирање со постојните регионални иницијативи, а пред сѐ „Отворен Балкан“ со „Берлинскиот процес“.
Беше констатирано дека „Отворен Балкан“ сосема недоволно беше третиран во медиумите во РС Македонија, дека повеќе од освртите беа насочени кон истакнување на негативните коментари, се пренесуваа мислења дека иницијативата „Отворен Балкан“ се поклопува со онаа од „Берлинскиот процес“, замерки дека преку неа се зацврстува малигното руското влијание во регионот….
Заклучувајќи ја расправата членовите на Дипломатскиот клуб ја истакнаа потребата и натаму да се прават напори за поактивна соработка со МНР на РС Македонија, да се реактивира соработката со невладините организации од областа на меѓународните односи, одбраната и безбедноста, Универзитетите и научните институции, дека за вакви теми треба да се поттикнат младите дипломати да ги истакнуваат своите ставови и преку прилози во „Дипломатскиот летопис“…, како и да продолжи традицијата за социјални средби на членовите.