Делегација на Дипломатскиот клуб – Скопје во состав Јован Теговски, претседател, Сања Зографска, потпретседателка и Виктор Габер, секретар, на 29 декември 2025 година оствари подолга средба со шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, амбасадорот Михалис Рокас.
На амбасадорот Рокас му беа претставени мисијата на Дипломатскиот клуб, поважните активности со фокус на последниот настан одржан на 19 декември 2025 година којшто, помеѓу другото, беше посветен и на одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи на Северна Македонија со Европската унија, како и плановите за наредниот период. Клубот, преку редовни средби со претставниците на ДИП-корот, организирање настани, јавни настапи, пренесување на искуствата од дипломатскиот ангажман на новите генерации дипломати и издавање на списанието дава придонес во етаблирањето на дипломатијата како еден од столбовите на државниот систем. Особено беа подвлечени напорите на Клубот за афирмација на стратешките надворешно-политички цели, со фокус на зачленувањето во Европската унија, а преку континуирано сензибилирање на македонската јавност за придобивките што тоа ги носи и потребата од трансформација на македонското општество и вградување на европските вредности.
Амбасадорот Рокас се заблагодари на добиените информации, се осврна на пристапниот процес на Албанија и Црна Гора за зачленување во ЕУ и на потребата Северна Македонија, што е можно поскоро, да ги преземе потребните чекори за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ и дека 2026 година е клучниот момент за тоа. Во однос на соработката помеѓу Делегацијата на ЕУ и Дипломатскиот клуб ја прифати поканата да објави свој текст “Дипломатскиот летопис“ и да се обрати пред поширокиот состав на Клубот, како и дека ќе биде разгледана можноста за организирање заеднички настан посветен на 30-годишнината од дипломатските односи помеѓу Северна Македонија и ЕУ.
Скопје, 30.12.2025
