Skip to content
Почетна > Амбасадорот Јован Теговски на меѓународна конференција во Лисабон

Амбасадорот Јован Теговски на меѓународна конференција во Лисабон

Претседателот на Дипломатскиот клуб-Скопје Јован Теговски имаше обраќање на меѓународната конференција “Транзицициските процеси во Европа во 20-от век: постигнување и одржување на демократијата“  (“ The Transitions Processes in 20th Century Europe: Achieving and Sustaining Democracy”). Конференцијата, во организација на Шпанија и Португалија, се одржа во Лисабон на 8 и 9 октомври, 2024 година, а по повод 50- годишнината од „Каранфилова револуција“ во Португалија, што се смета за почеток на процесите на демократска транзиција  во Грција и Шпанија, а подоцна и во земјите од Централна и Источна Европа, вклучително и во државите произлезени по распадот на Југославија.

Теговски настапи на тркалезната маса посветена на распаѓањето на Југославија, при што се осврна на основните причини коишто влијаеа на дезинтеграцијата на поранешната федерација. Во своето обраќање укажа на мирољубивата и по демократски пат стекната независност на нашата држава и клучната улога на претседателот Киро Глигоров.

Опструкциите за меѓународно признавање на Македонија, имаа негативни реперкусии врз опсегот, квалитетот и динамиката на демократските процеси кај нас, истакна Теговски. И покрај  задоцнетото признавање и предизвиците на севкупната транзиција, Северна Македонија успеа да се етаблира како демократска држава. Осврнувајќи се на Евро-интегративниот процес, тој нагласи дека, иако има кандидатски статус за членство во ЕУ од 2005 година, нашата држава не може да ги отпочне пристапните преговори, повторно заради надворешни блокади, овој пат од страна на Бугарија.

 

Сподели ја оваа објава на: