“Важноста на географијата во обликувањето на надворешната политика и националната безбедност“ – меѓународна конференција во Скопје
Во организација на Дипломатскиот клуб – Скопје и Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС), а во соработка со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, на24 април 2025 годинасе одржамеѓународна конференција на тема „Важноста на географијата во обликувањето на надворешната политика и национална безбедност“ во рамки на активностите за одбележување на 29 април – Денот на македонската дипломатија, како и 20 години од формирањето на Универзитетот Американ Колеџ Скопје, 15 години од постоењето на Дипломатскиот клуб и 10 години од публикувањето на списанието „Дипломатски летопис“.
На конференцијата воведно излагање имаше г-динот Зоран Димитровски, заменик министер за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, кој, меѓу другото, истакна дека темата на конференција досега била неоправдано маргинализирана. Но, тековните драматични геополитички промени придонесоа таа сé повеќе да станува предмет на сериозни анализи неопходни за обликување на надворешната политика и националната безбедност, а тоа е од голема важност и за нашата држава и нашите граѓани. Заменик-министерот Димитровски нагласи дека итната интеграција на Западниот Балкан во ЕУ е, пред сé, безбедносно прашање за Европа, особено во светлина на создавањето нови воени сојузи во регионот во кои не се вклучени сите држави. Од друга страна, нашата држава од безбедносен аспект е во голема мера зависна и од нејзиното стратегиско партнерство со САД, кое треба да биде искористено и за економски, инфраструктурен и енергетски развој.
Со свои излагања се обратија гостите од странство, професорот по геополитика д-р Рикардо Редаели од Универзитетот Католика во Милано и професорот и научен истражувач д-р Скот Романиук од Универзитетот Корвинус во Будимпешта,како и истакнатите македонски дипломати и професори: Сања Зографска, проф. д-р Никола Дујовски, доц. д-р Горан Китевски и доц. д-р Данчо Марковски.
Во нивните излагања, учесницитесе осврнаа на теориските и практични аспекти на географијата и нејзината поврзаност со геополитиката при што го нагласија влијанието на географските фактори (терен, клима, природни ресурси, вклучително и ретките минерали, пристап до море, демографија и др.), врз обликувањето на надворешната политика и безбедносните одлуки. Беше нагласена ургентноста на ова тема со оглед на тековните геополитички контроверзии во врска со пристапот кон искористувањето нарудните богатства, геостратешката положба на конкретни територии и длабоките промени во меѓународните односи.
Во дискусиите особено внимание му беше посветено на влијанието на географската конфигурација на Северна Македонија (планини, клима, минерали и други богатства, немање излез на море и пловни реки) врз дефинирањето на нејзината надворешна политика, национална безбедност и економски развој. Како што заклучија дел од учесниците, за мала земја со специфична конфигурација, од особена важност е да посветува внимание на енергетската независност, регионалната соработка и европските интеграции, како и на јакнењето на институционалните капацитети, особено во доменот на безбедноста и на дипломатијата, заради остварување на долгорочните стратегиски цели.
На конференцијата присуствуваа претставници на дипломатскиот кор во Скопје, членови на Дипломатскиот клуб, професори и студенти од Универзитетот Американ Колеџ Скопје и други гости.
За дополнителни информации:
Димче Мицевски, pr@uacs.edu.mk
+ 389 (0)2 2463 156, +389 (0)71 339 001
