Skip to content
Почетна > Геополитиката во времето на АСНОМ

Геополитиката во времето на АСНОМ

ГЕОПОЛИТИКАТА ВО ВРЕМЕ НА АСНОМ

Виктор ГАБЕР

СТРАНСКИТЕ ВОЕНИ МИСИИ НА АСНОМ

-ИНАУГУРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА КАКО МЕЃУНАРОДЕН СУБЈЕКТ-

Во долготрајната меморија на секој народ неизбришливо се врежуваат датуми од неговото минато, што со помин на времето и последователните патешествија врз основа на тие настани/датуми, тој народ го обезбедил своето битисување, сѐ до формирање на сопствена нација и држава. Од не помало влијание во остварување на тие долгорочни, стратешки цели биле меѓународните констелации, и особено интересите на големите сили во тие периоди. Овие фактори во многу историски периоди му оделе во прилог и ги поттикнувале тие процеси кај еден народ, покрај неговата психо-културна традиција, структура на неговите најзначајни внатрешни интелектуални и борбено способни поединци и групи за постигнување на тие цели. Познато е дека наведените фактори многу често во историјата биле и кочничари на напорите за државотворна еманципација на малите народи.

За македонскиот народ, Илинденското востание во 1903 година, трагедијата, жртвите на најхрабрите синови, последиците од неуспешното востание, се врежани во меморијата како поттик за нови напори за реализирање на целите за самостојност на Македонија на т.н. апостоли на македонската револуционерна организација.

Во Втората светска војна во новата геостратешка состојба при поделбата на светот, македонските патриоти ги вброи во редовите на Антихитлеровата коалиција, што, иако претставуваше негирање на еднаш утврдените меѓународни договори во Версај по Првата светска војна. Не можеше да се негира нивната одлучност со оружје в рака да станат господари на својата судбина и иднина. Тоа се гледа и по односот на сојузниците во таа коалиција кон борбата на против окупаторот на партизани во Македонија. Нивните воени мисии на теренот, соочени со објективните состојби во Македонија, придонеле и за нијансирани промени во дотогашните стереотипи на нивните аналитички центри за иднината на народот во Македонија и за неговата способност да создаде своја држава.

Одржувањето на АСНОМ се совпаѓа со општата тенденција на партизанското антифашистичко движење на Балканот за отфрлање на предвоените форми на политичко организирање на државите. Ова беше особено

изразено кај предводниците на отпорот на територијата на поранешното Кралство Југославија со политичката платформа заснована на федеративни начела за рамноправност на народите, усвоена во ноември 1943 година на Заседанието на АВНОЈ во Јајце. Дополнително во случајот на АСНОМ, во неговите документи се негираат и одделни меѓународни договори потпишани во Версај по Првата светска војна. Иако, со развојот на настаните геополитиката не дозволила остварување на максималистичките тежненија на многу народи, па и на македонскиот, нему, во една федеративна држава, му го признала правото на самостојност одлучно изборено во текот на војната.

C:\Users\Korisnik\Pictures\viber_image_2024-08-01_12-45-29-564.jpg

Х Х Х

Со првите воени неуспеси на германската солдатеска во Втората светска војна, на преодот од 1942 кон 1943 година, членките на Антихитлеровата коалиција отпочнале со конкретни подготовки за отворање на неколку фронтови против силите на Оската во Европа. Меѓу другите еден бил и т.н. Јужен фронт кој требало да биде отворен преку Сицилија или Балканот. За таа цел сојузниците активно ја проучувале состојбата и распоредот на силите и на Балканот.

Антихитлеровата коалиција добивала информации дека за поддршка на својата борба и воена стратегија партизанското движење во Југославија и Грција поуспешно го придобива народот, отколку поранешните граѓански структури и окупаторските власти. Затоа тие пришле кон систематко стационирање на своите воени претставници (и мисии) на територијата под контрола на партизаните на Балканот, па и во Македонија. Пресвртот, големиот пораз на Германците кај Сталинград во јануари 1943 година, заради ентузијазмот на комунистите, предводници на антифашистичкиот отпор на Балканот, ја довел под сомнение балканската политика на западните сојузници. Дотогашната поддршка на експонентите на избегличките влади во Лондон станала дури и бесцелна, па за Велика Британија како глобална сила, од летото 1943 година контактите и соработката со партизанското движење во Југославија и со грчкиот ЕАМ, неминовно станале поконкретни. Дополнително, и испораките на оружје и опрема за овие движења на отпорот, имале свое влијание во натамошните разврски и повоени позиционирања.

Соединетите Американски Држави и Велика Британија уште во Атлантската повелба потпишана од нивните лидери на 14 август 1941 година, се изјасниле какво политичко уредување би поддржале по Втората светска војна. Тие зацртале и дека „не се прифаќаат какви било територијални промени извршени спротивно на волјата на заинтересираните народи“, што најчесто беше толкувано како забрана за промена на границите. По средбите на Черчил со Сталин во Москва (12-16 август 1942 година) и нивната средба со Рузвелт во Техеран (28 ноември – 1 декември 1943 година) за зајакнување на новата коалиција, овие ставови како да добиле поширока верификација. Во однос на настаните во Југославија основната одлука на овие лидери во Техеран била дека партизанското движење во Југославија е прифатено како сојузник и нему му била ветена помош, за разлика од ограничувањето на поддршката за четниците на Дража Михајловиќ. За увид на дејствијата на теренот, контрола на доставената материјална и воена помош и особено за пренос на информации и координација на сојузничните дејствија била донесена одлука во сите делови на нејзината територија да бидат испратени воено-разузнавачки мисии.

Постигнатите договори секако ги обезбедувале партикуларните интереси на големите сојузници во коалицијата, независно од очекувањата и борбените пароли на помалите членки на Антихетлeровата коалиција за „исправање на некои историски неправди.“ Меѓутоа, тие пароли биле голема мотивација за што помасовно вклучување на нови борци во редовите на отпорот против силите на Оската, како што беше и случајот со партизанското движење на територијата на поранешното Кралство Југославија, а со тоа и во Македонија.

МАКЕДОНИЈА ВО ФОКУСОТ НА СОЈУЗНИЦИТЕ

За време на Втората светска војна од 1941 година, а особено во текот на 1943 и 1944 година, кога сè помасовно Македонецот се фаќа за оружје со јасна национална и антифашистичка определба, Македонија навлегува во видокругот на големите завојувани страни и нејзините борбени формации се наметнале како субјект во комбинациите за идните преструктурирања на сферите на влијание по завршувањето на војната.

Одделни граѓански елементи во одлуките на самитот во Техеран за себеси гледале посигурна иднина, во чија основа било и залагањето по војната, на териториите на Балканот на кои се воделе воените дејствија да се воспостават предвоените состојби. Ова делумно се совпаѓело и со барањата на западните сојузници за постигнување поширок општествен опфат на Балканот, а со тоа и во Македонија во редовите на отпорот (каде доминирале комунистите) да бидат вклучени и некомпромитирани граѓански елементи.

Меѓу веќе афирмираните такви личности во Македонија, јавно експонирани против режимот во Кралството Југославија, бил и Методија Андонов Ченто. Како истакнат претставник со македонска граѓанска ориентација тој во 1943 година бил вклучен во редовите на македонските партизани. Во 1944 година Ченто бил именуван за претседател на Президиумот на АСНОМ, а подоцна доаѓа во судир со официјалната политика на ФНРЈ.

Камен темелникот на планот на конкретна афирмација на идеите за самостојна македонска држава бил инициран со Одлуките на Заседанието на АВНОЈ во Јајце (29/30 ноември 1943 година). Во нив, заради борбените резултати на теренот, на македонскиот народ декларирано му било најавено правото, како и на сите други народи на поранешното југословенско Кралство, за експонирање на својата етно-културна посебност како основа за создавање свој државен ентитет.

Познато е дека Сталин остро му замерил на Тито дека советското раководство не било консултурано за суштината на одлуките на АВНОЈ во Јајце. Ова латентно разијдување на нивните планови за идниот развој на настаните на Балканот, било и заради сомнежите на Москва дека би ги изгубила доминантните позиции на Балканот, доколку таму се формира поголема федерација на словенските народи. По примерот на претходните проекти за Балканска федерација, се сметало дека централен влог на оваа идеја била неизвесноста за иднината на Македонија, а особено тенденциите за обединување на нејзините географски делови.

БРИТАНСКИТЕ ВОЕНИ МИСИИ ВО МАКЕДОНИЈА

Како и секоја држава со значајно влијание во геополитиката, така и Велика Британија при водењето на надворешна политика, покрај отпочнатата соработка со партизаните на Балканот, во текот на војната постојано одржувала паралелни врски и со југословенската и грчка бегалска кралска влада во Лондон. а дури водела и интензивни преговори со бугарската влада.

Во Втората светска војна при Главниот штаб на Народноослободителната војска и Партизанските одреди на Македонија (НОВ и ПОМ) беа акредитирани неколку британски воени мисии. Меѓу 1943 и 1945година во Македонија престојувале вкупно седум британски мисии, кои постепено биле распоредувани и во другите поголеми партизански единици. Како дел од подготовките за отворање Балкански фронт, првата британска воена мисија предводена од мајорот Мостин Дејвис, во Македонија била испратена во средината на 1943 година. Пристигнувајќи на слободната територија во Црвена Вода на 5 октомври 1943 година, Дејвис воспоставил редовна радио врска со својата команда во Каиро. Од оваа локација, тој одржувал и директни контакти со партизанските одреди во Србија и во Бугарија. Неговите активности биле дел од широката мрежа воени британски мисии на целиот простор на предвоена Југославија и Балканот, координирани од Управата за специјални операции (СОЕ). Во оваа функција, Дејвис перманентно комуницира со ополномоштеникот на ЦК СКЈ за Македонија, Светозар Вукмановиќ – Темпо, со Бојан Б‘лгаранов, пратеникот на БРП(к) при НОВ на Југославија и со Венко Марковски. Само два дена по пристигнувањето на првата британска мисија при Главниот штаб на НОВ и ПОМ во Црвена Вода, македонските партизани ги добиле и првите количини британско оружје, опрема и лекови.

Паралелно, од март до октомври 1944 година, во леринскиот крај борави британскиот офицер Патрик Еванс. Познат е неговиот извештај до Лондон во кој се потврдува дека постои разбудена национална свест кај Македонците во Грција. Еванс конкретно наведува дека затекнал „неочекувано славомакедонски карактер на ова подрачје и непоправливо несимпатичен приод на сите Грци…, спрема сите жители на територијата на Грција кои не се Елини по своите обичаи, верувањата и традициите“.

Британските воени мисии од Македонија се повлекле во јуни 1945 година. Тогаш, Велика Британија во Скопје го отворила својот конзулат кој работел сè до 1957 година.

АМЕРИКАНСКА ВОЕНА МИСИЈА ВО МАКЕДОНИЈА

Втора странска воена мисија која преку територијата на Србија пристигнала во Вардарскиот дел на Македонија на 23 јуни 1944 година била Американската воена мисија. Неа ја предводел мајорот Скот Дикинсон, а ја сочинувале неговиот заменик Рајнер, наредникот Бизик, радителеграфистот Тед и членовите Стево Бузич и Стив Сиљанов (по потекло Македонец). Таа од јули 1944 до мај 1945 година била приклучена кон Главниот штаб на НОВ и ПОМ. До тој момент сите информации за состојбите и борбите во Македонија, Американците ги добивале од Британците, а нивните аналитичари лиферувале сознанија дека „Македонија дефинитивно не припаѓа на српската заедница. Етнички национални, општествено психолошки и историски Македонците се разликуваат од Србите…, нивната независност, пред сѐ се оправдува со фактот дека 1) тие се разликуваат од сите соседни народи – тие не се ниту Албанци, ниту Грци, ниту Бугари, ниту Срби, и 2) тие имаат организирано силно движење за автономија во рамките на југословенската федерација.“

На самиот терен во Македонија, оваа мисија на Дикинсон била третирана како независна мисија која испраќа политички, воени и економски информации до нивниот Штаб на Канцеларијата за специјални служби (ОСС).

Се смета дека со нејзиното дејство во Македонија, САД во 1944 година го поддржале и го признавале создавањето на македонска национална држава, Демократска Федеративна Македонија. Американската мисија од Македонија била повлечена во мај 1945 година.

ВОЕНА МИСИЈА НА СССР

Во ноември 1944 година во Македонија е испратена и прифатена од македонските повоени власти воената мисија на Советскиот Сојуз која ја предводел мајорот Инков. Тогаш и СССР, по извештаите за развојот на состојбите во Југославија, ги прекинал односите со југословенската кралска влада во Лондон Од друга страна, симптоматично е дека за време на целата Втора светска војна, амбасадата на СССР во Софија не била затворена, активно делувала, и за Москва испраќала информации и за состојбите во Македонија.

Иако задоцнето, присуството на советските претстваници во Вардарскиот дел на Македонија претставувало одржување одреден баланс на силите на Антихитлеровата коалиција на овој терен. Такво присуство на советски војници на чело со мајорот Инков, на веќе ослободената територија во Македонија во воените анали е евидентирано дека е остварено дури по пристигнувањето на американската воена мисија во Македонија, а се смета дека тоа е и паралелен акт на прифаќање на македомска држава како нов меѓународен субјект.

Сè до отворениот судир на политиките меѓу федеративна Југоскавија и советското раководство во 1948 година, советски офицери и воени инструктори воделе курсеви за обука на македонските војници и подготовка на кадри за стратегиски функции, додека во СССР на школување заминувале голем број кадри од Македонија. По оној, именуван како судир меѓу Тито и Сталин, остро се прекинати македонско-советските врски во повеќе области.

ВОЕНИТЕ МИСИИ НА АСНОМ

Од историски, но и од одреден геостратешки аспект може да се заклучи дека присуството на странските воени мисии на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија во 1944 година претставувало прифаќање на реално постоење на една автономна власт на една територија – оформување на една нова држава со име (Демократска Федеративна) Македонија, нов меѓународен субјект. Од извештаите на сојузничките мисии и преземените политички чекори, произлегува дека водечките сојузнички сили во 1944 година имале своја перцепција и увид во состојбите во и околу Македонија. Од нивните извештаи произлегуваат голем број информации за развојот на настаните во Македонија добиени директно од штабовите на партизанските одреди и бригади, но и со сопствен увид на теренот.

Особено е значајно учеството (и земањето збор) на нивните претставници на воените мисии на првото државотворно собрание во Македонија – АСНОМ, на 2 август 1944 година. Токму тој чин, иако не експлицитено, претставува de facto меѓународно признавање на АСНОМ како највисока суверена власт во Македонија. Членовите на мисиите ја бележат и активноста на македонските претставници кои „преговараат директно со бугарската влада за прашањето за повторно воспоставување на границата меѓу Македонија и Бугарија“. Од нив, во 1945 година, не остануваат незабележани и „гласовите дека во еден период се размислувало за воспоставување на оддел на македонската влада, одговорен за македонската надворешна политика“.

Анализата на извештаите потврдува дека британската дипломатија не била воодушевена од резултатите на Првото заседание на АСНОМ. Претставникот на британската воена мисија во Македонија Стричка присуствувал на Првото заседание на АСНОМ, но не се обратил пред делегатите со поздравен говор или со изјави за признавање на власт на една нова држава. Претставникот на мисијата на САД Дикинсон пред делегатите говорел и во име на Британецот. Во неговиот говор не е дадена никаква политичка оценка во смисла на државотворноста на актот за формирањето на АСНОМ, па и за неговата „автономност“, туку само признание за воените успеси на македонските партизани. Британија се воздржувала да ги поддржи политичките амбиции на македонските партизани за државно-правно конституирање на Македонија. Тоа се гледа во амбивалентноста на реченица во извештајот од АСНОМ на Стричка за Лондон: „Нашата помош на партизанското движење во никој случај не ги исклучува, во сегашниов момент, Титовите шеми за автономна Македонија“

Содејството на партизаните и странските воени мисии се согледува и од извештаите за плановите коишто заеднички ги правеле за уништување на непријателските позиции и интереси во Македонија (обезбедување на браната на хидроцентралата „Матка“, струјата за рудникот Радуша, напади на други индустриски објекти и транспортна инфраструктура коишто ги користеле окупаторите и др.). Меѓутоа, во тие воени моменти, кога сојузниците ја признавале потреба од државно-правно експонирање на Македонците, најавувале и очекување Вардарскиот дел на Македонија да не стане „Пиемонт на целиот македонски народ“ во лицето на новата (автономна, федерална или демократска) Македонија.

Британските известувачи кои биле во непосреден контакт со македонските партизани го информирале Лондон дека „Македонците сакаат самостојно владеење и навестувањата се дека тие тоа го сакаат во рамките на федеративна Југослација. Тие не им веруваат на Србите и соработката меѓу нив не е лесна. Тие, исто така, многу тешко го чувствуваат присуството на бугарскиот окупатор и се сомневаат во руска поддршка за бугарските аспирации за Источна Македонија по војната. Накратко, Македонците се борат за слобода, но се претпазливи. Тие се пријателски расположени кон нас.“

C:\Users\Korisnik\Pictures\64601_1508231140174_1066193764_31260208_200195_n.jpg

Салите, пак, за седници на Првото и на Второто заседание на АСНОМ македонската власт ги украсила со сликите на Тито и на водечките лидери на Антихитлеровата коалиција (Черчил, Рузвелт и Сталин), што требало визуелно да го истакне местото на Македонија на повоената политичка карта на Балканот и Европа. Во тој амбиент, на Првото заседание на АСНОМ во манастирот Прохор Пчински, пред делегатите од сите краеви на Македонија се обратил американскиот претставник. На Второто заседание на АСНОМ (31 декември 1944 година) мајорот Инков, во својство на официјален претставник на СССР го поздравува АСНОМ и му посакува „успех во државниот и културниот живот“. Советскиот претставник со оваа „честитка“ за „државен живот на највисокиот орган на македонските делегати, оди чекор понапред од претставниците на западните сојузници – најавува очекување да се формира македонска држава.

Од настаните околу АСНОМ и истапувањата на странските претставници на неговата говорницата претставувало дополнителна (ин)директна верификација на меѓународната поддршка и прифаќање на тој нов политички и државен субјект од страна на силите победнички во Втората светска војна и конструктори на иднината на Европа и светот.

Сподели ја оваа објава на: