Skip to content
Почетна > Дипломатскиот клуб – Скопје и Универзитетот Американ колеџ Скопје договорија соработка за серија заеднички настани

Дипломатскиот клуб – Скопје и Универзитетот Американ колеџ Скопје договорија соработка за серија заеднички настани

Дипломатскиот клуб – Скопје и Универзитетот Американ колеџ Скопје (УАКС) денес потпишаа Меморандум за соработка како формална потврда на нивните долгогодишни заеднички напори во образувањето нови генерации студенти кои се специјализираат за работа во областа на надворешната политика. Меморандумот го потпишаа ректорот на Универзитетот Американ колеџ Скопје, проф. д-р Марјан Бојаџиев, и претседателот на Дипломатскиот клуб – Скопје, амбасадорот Огнен Малески.

 

Меморандумот предвидува размена на научни и стручни искуства и знаења, подготовка на заеднички програми за оспособување и усовршување на дипломатски кадри, заедничка поддршка и помош во организирање собири (конференции, трклаезни маси, работилници и летни школи), како и заеднички изданија на публикации и овозможување практична настава за студентите.

Како дел од серијата заеднички проекти, УАКС и Дипломатскиот клуб објавија дека по повод Денот на македонската дипломатија 29 април, во четврток, на 27 април 2023 година, организираат панел-дискусија на тема „Регионалните иницијативи и европската интеграција“. Се очекува на панелот да се обратат претседателот на РС Македонија Стево Пендаровски, амбасадорот на Европската унија Дејвид Гир и други високи претставници од државните институции и од меѓународни организации акредитирани во Скопје, како и претставници на специјализирани организации ангажирани во развој на регионалните иницијативи.

Настанот има цел да го истакне придонесот на регионалните иницијативи за што поуспешно приспособување на земјите од регионот во процесот на европска интеграција. Од особено значење е продлабочена расправа и извлекување на заклучоци од досегашните искуства и постигнувања во рамките на регионалните иницијативи и нивното споредбено согледување во однос на степенот на прифаќање на acquis communautaire на ЕУ. Во најавата организаторите ставаат посебен акцент на потребата од создавање услови за натамошно поврзување и ускладување на развојот на економиите во регионот заради нивна синхронизирана интеграција во заедничкиот европски економски систем.

За дополнителни информации:
Огнен Малески, Диломатски клуб – Скопје, ognenmaleski@yahoo.com
Иван Додовски, УАКС, dodovski@uacs.edu.mk

Сподели ја оваа објава на: