Skip to content
Почетна > Дипломатскиот клуб-Скопје учествуваше на првиот меѓународен “Скопје Безбедносен Форум 2026“

Дипломатскиот клуб-Скопје учествуваше на првиот меѓународен “Скопје Безбедносен Форум 2026“

На 15 јуни 2026 година, во Собранието на Република Северна Македонија се одржа првиот меѓународен „Скопје Безбедносен Форум 2026“ на тема „Архитекти на стабилноста: Безбедносниот идентитет на Западен Балкан“.

Претседателот на Дипломатскиот клуб – Скопје, Јован Теговски, настапи на панел-дискусијата “Геополитиката на Западен Балкан и идејата за европска безбедносна идентификација на регионот“,  при што се осврна на процесот на обликување на безбедносниот идентитет на Западен Балкан во услови на динамични геополитички промени. Стратешката припадност на Западен Балкан кон европскиот безбедносен простор претставува важен предуслов за долгорочна стабилност, предвидливост и просперитет, како и за негово поцврсто интегрирање во европската политичка и безбедносна архитектура. Посочи дека Северна Македонија, преку членството во НАТО, целосното усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и Договорот за безбедносното и одбранбено партнерство со ЕУ, иако не е членка на ЕУ, веќе дејствува како дел од европската безбедносна заедница.

На Форумот учествуваа првиот заменик-претседател на Владата на Република Северна Македонија и министер за европски прашања, Беким Сали, заменик-шефот на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Бен Напиу, во име на организаторите заменик-ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Горан Илиќ и ректорот на Универзитетот во Тетово, Јусуф Зејнели како и истакнати научници, универзитетски професори, дипломати, истражувачи и експерти од земјата, регионот и пошироко.

Во дискусиите беа разменети мислења за иднината на европската безбедносна архитектура, влијанието на глобалните геополитички процеси врз Западен Балкан, како и за предизвиците поврзани со хибридните закани, дезинформациите, стратешката комуникација и јакнењето на институционалната отпорност на државите од регионот.

 

Сподели ја оваа објава на: