Во организација на Дипломатскиот клуб – Скопје и Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, денес, на 11 Декември 2019, во Министерството за надворешни работи се одржа Конференција „50 години македонска дипломатија”.На конференцијата воведно обраќање имаа министерот за надворешни работи, Никола Димитров, претседателот на Дипломатскиот клуб, амбасадорот Виктор Габер и амбасадорот на Република Словенија во Република Северна Македонија, Милан Јазбец.
МНР Никола Димитров се осврна на 50-те години раст и развој на македонската дипломатија и на Министерството за надворешни работи, како и на предизвиците со кои се соочува дипломатската служба во денешно време, преку 5-те „лекции од минатото коишто можат да ни послужат како патоказ за иднината и кои овозможуваат активно да градиме сегашност, поучена од историјата, во која ќе биде втемелена светла, безбедна и просперитетна европска иднина за нашата држава и за македонските граѓани“.
Притоа, тој истакна: „ Работата на дипломатијата е да гради мостови, да прави пријателства и да отвора врати и перспективи. Треба да обезбедиме видливост, препознатливост и да продолжиме да создаваме нови пријатели и да ги одржуваме старите пријателства. Не можеме да чекаме работите да се случуваат сами по себе. Мора сами да создадеме можности и да отвориме нови хоризонти – со подадена рака, со самопочит, но и со уважување на другите, преку зацврстување на старите и воспоставување нови партнерства и решителност и одговорност во соочување со проблемите. Практикувањето политика на отворен пристап, насочен кон решавање на проблемите и отворените прашања, треба да остане во основата на нашите дипломатски активности“.
Зборувајќи за професионалната дипломатија, како темел на успехот на надворешната политика, министерот Димитров нагласи: „Наша должност е постојано да ги зацврстуваме и надградуваме темелите врз кои ќе почива нашата дипломатија, ориентирана кон резултати во нашите надворешно политички приоритети и интереси. Затоа активно работиме кон изградба на професионална, одговорна и компетентна дипломатска служба. Ова е врвен државен интерес од кој зависи нашата долгорочна стабилност и просперитет, како и стабилноста и просперитетот на идните генерации“.
Во вториот дел на Конференцијата, пред присутните, свои обраќања имаа и заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, Државниот секретар Зоран Попов, дипломати и амбасадори во Министерството за надворешни работи. Членовите на Дипломатскиот клуб Благој Зашов, Данчо Марковски, Сашко Тодоровски, Шпреса Јусуфи, Никола Тодорчевски, Димитар Белчев…, исто така, учествуваа со свои реферати, коментари и дискусии. Се очекува сите излагања на Конференцијата, авторизирани, да бидат објавени во една едиција/книга која ќе послужи за трајно одбележување на придонесот на македонските дипломати во зацврстувањето на позицијата на државата на меѓународен план. Во фокусот на овие обраќања беше даден и детален осврт на развојот на дипломатската служба од формирањето на Бирото за односи со странство во 1969 година, кое е претходник на современото Министерство за надворешни работи, кое се етаблираште во 1991 година, на Денот на независноста.