Во организација на Дипломатскиот клуб, на 28 февруари, 2025 година во просториите на Културниот центар “Кочо Рацин“ во Скопје беше промовирана книгата “Ноќни белешки“ од Петре Наковски, првиот македонски амбасадор во Полска во периодот 1995-1999 година.
Ова обемно и мошне интересно дело на околу 800 страници подготвено врз основа на белешките за сите случувања коишто авторот редовно ги водел а ноќе ги запишувал и илустрирано со бројни фотогафии, ги пренесува сведоштвата на амбасадорот поврзани со неговиот дипломатски ангажман и работа во Варшава. Денес, овие сеќавања за предизвиците со коишто се соочувал при отворањето на Амбасадата на Република Македонија во Варшава, за бројните разговори и дипломатска преписка, остварените меѓудржавни посети и развојот и унапредувањето на македонско-полските односи и соработка, но и за впечатливи моменти од неговиот приватен живот беа претставени пред нашата јавност. За својот ангажман претседателот на Полска го одликуван со Орденот за командоријата, полското МНР со Орденот Бене Мерито или добро сторено
Петре Наковски е еден од првата група македонски амбасадори основоположници на дипломатското претставување во странство на младата и независна држава Македонија и, едновремено, еден од ретките македонски дипломати којшто својата кариера ја одбележал и со богато литературно творештво, публицистика и преведување. Тој е автор на голем број раскази и романи, а во областа на преведувањето остварил значајни резултати со 48 преведени и објавени дела од македонски и полски автори.
На настанот, покрај претседателот на Дипломатскиот клуб Јован Теговски којшто се осврна на биографијата на авторот, говореа и рецензентот на книгата Драган Јањатов, заменичката-амбасадор во Полската амбасада г-ѓа Ана Каспшах, пригодни извадоци од делото читаше Душко Ѓорѓиоски, македонски театарски, филмски и телевизиски глумец и режисер, а на крајот со пригодно излагање се обрати и авторот Петре Наковски..