Skip to content
Почетна > ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА МАКЕДОНСКАТА ДИПЛОМАТИЈА

ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА МАКЕДОНСКАТА ДИПЛОМАТИЈА

Дипломатскиот клуб – Скопје во текот на изминатите десетина дена презеде бројни активности со цел одбележување на 76-годишнината на 29 април – Денот на македонската дипломатија, како и на 15-годишнината од основањето и успешно делување на Клубот и на 10-годишнината од излегувањето на првиот број на неговото специјализираното списание „Дипломатскиот летопис“.

Меѓу позначајните активности се издвојуваат скорешното излегување од печат на бројот 18 на “Дипломатскиот летопис“, меѓународната конференција “Важноста на географијата во обликувањето на надворешната политика и националната безбедност“ одржана на 24 април, 2025 (повеќе на следниот линк), гостувањето на претседателот на Клубот, амбасадорот Јован Теговски во утринската програма на МТВ на 28 април, 2025 година и посетата на поголема група членови на Клубот на Демирхисарскиот регион на 3 мај, 2025 година.

            Во новото издание на “Дипломатскиот летопис“ бр. 18, покрај редовниот преглед на најважните активности во афирмација на меѓународната позиција на нашата држава, во контекст на трагедијата во Кочани поместен е осврт за  улогата на здравствена дипломатија, а содржани се и  авторски текстови на наши државни функционери за актуелните глобални случувања, видувања на истакнати личности во врска со економската, културната, спортската и практичната дипломатија, како и преглед на изданијата на дела на дипломати-писатели и други содржини.

            Во текот на посетата на Демирхисарскиот регион членовите на Клубот обиколија неколку културно-историски и природни знаменитости – изворот на Црна река во Железнец; во Брезово присуствуваа на отворањето на специјалната изложба посветена на споменатите годишнини во родниот дом на уметникот на „Цвеќињата на мирот“ Живко Поповски – Цветин при што му врачија Благодарница за соработката, додека од страна на Ж. Поповски на Клубот му беше доделена “Цветиновата награда за мир“, ја посетија спомен кулата на Јордан Пиперката: во Бабино ја разгледаа приватната библиотека “Ал-Би“, се задржаа во подолг разговрр со сопственикот Стево Степановски и донираа поголем број книги од областа на дипломатијата и меѓународната политика на автори членови на Клубот и на крајот во Слоешница положија цвеќе на вечното пребивалиште на бардот на македонската книжевност Петре М. Андреевски.

 

Скопје, 05 мај, 2025

 

Сподели ја оваа објава на: