Skip to content
Почетна > Панел-дискусија во Стопанската комора на Северна Македонија

Панел-дискусија во Стопанската комора на Северна Македонија

Дипломатскиот клуб – Скопје и Стопанската комора на Северна Македонија на 29 мај, 2025 година во просториите на комората организираа панел-дискусија на тема “Улогата на економската дипломатија и коморите во промоцијата на македонските бизнис интереси во странство“, а на којашто учествуваа членови на клубот, претставници од комората и гости од академската заедница.

Пред почетокот на настанот претседателот на Дипломатскиот клуб, амбасадорот Јован Теговски и претседателот на Стопанската комора Бранко Азески потпишаа Меморандум за соработка со којшто се утврдува рамка, областите и модалитетите  на идната соработка меѓу клубот и комората.

Панел-дискусијата со поздравно обраќање ја отвори Ј. Теговски, додека со воведни излагања настапија Б. Азески и директорот на директоратот за економска дипломатија во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, амбасадорот Крум Ефремов, додека во дискусијата учествуваа поголем број од присутните членови на клубот и гостите

Во настапите и дискусиите беше нагласено дека економската дипломатија и стопанските комори, особено во време кога глобалната економија се соочува со низа предизвици – од тектонскигеополитички поместувања до трансформации во глобалните синџири на снабдување, имаат клучна улога во промоцијата и заштитата на економските и бизнис интереси на нашата држава во странство. Економските дипломати и коморите како партнери, поддржувачи и промотери на националниот економски интерес имаат одговорна задача, заеднички и координирано, да работат на привлекувањето на странски директни инвестиции, зголемување на извозот и зајакнување на економска соработка со најзначајните билатерални партнери и регионални и меѓународни организации. Во функција на поефикасно остварување на овие цели и задачи мандатот на Министерството за надворешни работи е проширен и со надлежности во надворешната трговија, додека Стопанската комора од своја страна фокусот го става на извозот, образованието и регионалната економска соработка. Беше истакната потребата од зголемување на буџетот за потребите на економската дипломатија,  диверзификација на македонскиот извоз, ставање поголем фокус на сообраќајните и енергетските коридори, важноста на истражувањето и изготвувањето анализи, обуката за преговарачки вештини итн.

По завршувањето на дискусијата претседателот на клубот Ј. Теговски му врачи Благодарница на претседателот на комората Б. Азески за поддршката на активностите на Дипломатскиот клуб, како и примерок од последниот број 18 на специјализираното списание “Дипломатски летопис“.

 

Сподели ја оваа објава на: