На 26 декември 2024 година во просториите на Македонската академија на науките и уметностите, претседателот на Дипломатскиот клуб, амбасадорот Јован Теговски и раководителот на Центарот за стратегиски истражувања “Ксенте Богоев“ при МАНУ, академик Таки Фити потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете организации.
Основната цел на овој документ е унапредување и збогатување на соработката меѓу двете страни во области од надворешната политика на Република Северна Македонија, дипломатијата, меѓународните политички и економски односи и меѓународното право, како и во други области од взаемен интерес, а со цел промоција на нашата држава на меѓународен план.
Со Меморандумот се обезбедува рамка за координација, планирање и реализација на заеднички проекти и активности како на пример организирање научни собири, конференции и јавни дебати околу актуелни теми од наведените области, меѓусебна поддршка и организирање на настани за пренос на стручни знаења и вештини, обуки и едукативни сесии за студенти и дипломати на државата, учество во изготвување проекти, студии, анализи и програми
На средбата помеѓу претставниците на двете страни стана збор и за заедничка организација на настан во врска со влијанието на современите геополитички случувања врз Евро-интегративните процеси на нашата држава и остнатите земји аспиранти од Западниот Балкан, а којшто би се одржал во првата половина на 2025 година.