Skip to content
Почетна > ПОЧИНА УФЕ ЈЕНСЕН – ГОЛЕМИОТ ПРИЈАТЕЛ НА МАКЕДОНИЈА

ПОЧИНА УФЕ ЈЕНСЕН – ГОЛЕМИОТ ПРИЈАТЕЛ НА МАКЕДОНИЈА

ДИПЛОМАТСКИ КЛУБ – С к о п ј е

Бр. 19/22

Скопје, 20.06.2022

 ПОЧИНА УФЕ ЈЕНСЕН – ГОЛЕМИОТ ПРИЈАТЕЛ НА МАКЕДОНИЈА

Вчера, во Копенхаген, почина Уфе Елеман Јенсен, еден од најистакнатите политичари на Кралството Данска, долгогодишен претседател на Либералната партија „Венстре“ и МНР на Данска. Во последната фаза од студената војна, тој важеше за еден од клучните политичари на Нордискиот регион и Европа во целина.

 

На 13 јануари 1993 година, во својство на тогашен претседавач со Европската заедница, Уфе Елеман Јенсен меѓу првите странски државници го посети Скопје. Негов беше предлогот за отпочнување на процесот за воспоставување на дипломатски односи на државите членки на ЕЗ со Република Македонија. Во тој период тој бараше да се изврши притисок од страна на ЕЗ врз Република Грција за прекинување на дипломатската блокада кон Република Македонија, која ја оцени како “црно петно врз нивната совест“.

За неговиот исклучителен придонес во развивањето и зацврстувањето на пријателските односи и соработката на Република Македонија со Кралството Данска, како и поради неговите заслуги во јакнењето на меѓународната положба и углед на нашата држава, во февруари 2010 година, претседателот на Република Македонија Ѓорги Иванов на Уфе Елеман Јенсен му го додели највисокото македонско државно признание – Орденот „Осми септември“.

Граѓаните на Република Северна Македонија Уфе Елеман Јенсен ќе го паметат како еден од најпрагматичните европски политичари, кој уште од самиот почеток на процесот на осамостојувањето на нашата земја, застана во принципиелна одбрана на барањето за признавање на Република Македонија и за нејзино меѓународно етаблирање. За сето тоа, овој јуни, во нашето списание „Дипломатски летопис бр. 13, на Уве Јенсен му приредивме посебен осврт.
Во името на членовите на Дипломатскиот клуб, на семејството на Уфе Јенсен и до дански народ упатуваме длабоко сочувство.

Почивај во мир драг пријателе!

Управен одбор на Дипломатскиот клуб.

Сподели ја оваа објава на: