Дипломаткиот клуб, кој во мај 2017 година, по повод 100-тата годишнина од раѓањето на првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров, беше иницијатор за одржаната научна конференција „Улогата на Киро Глигоров во меѓународното етаблирање на Република Македонија“, во соработка со Македонската академија на науките и уметностите ја подготви и издаде книгата – Зборник „За и од Киро Глигоров“.
Промоцијата се одржа во Големата сала на МАНУ на 17 април 2018 година. Медијатор на промоцијата беше амбасадорот Ахил Тунтев, а за Зборникот и за делото на претседателот Глигоров говореа претседателите на МАНУ, академик Таки Фити и на Дипломатскиот клуб, амбасадорот Виктор Габер.
На промоцијата особен осврт беше даден на улогата на Глигоров во процесот на приемот на Република Македонија во Обединетите нации, а со тоа достоен осврт се даде и на 25-годишнината од овој значаен настан во политичката историја на Република Македонија.