Во организација на Дипломатскиот клуб, на 24 декември 2024 година во просториите на Културниот центар “Кочо Рацин“ во Скопје беше промовирана книгата на дипломатот и публицист Салим Кадри Керими „Аспекти на југословенско и македонско-албанските односи и соработка (1945-1991-2000)“. Во книгата на 570 страници, авторот презентира голем обем на материјали/документи, проследени со анализи и заклучоци во врска со односите и соработката помеѓу наведените субјекти, произлезени од личните искуства и белешки, но и неговите теренски истражувања во архивите во Скопје, Тирана и Белград.
Како долгогодишен активен учесник во следењето и развојот на овие односите помеѓу овие субјекти, Керими забележува дека до 1991 година тие односи и соработката не достигнале повисоко ниво, за што одговорноста лежи во политиките кои ги воделе најодговорните функционери, но судејќи според развојот на настаните, најголемата одговорност, според него, сепак ја имал тогашниот режим во Албанија. Авторот укажува, дека за разлика од тој период, односите и соработката помеѓу Република Македонија и Република Албанија после 1992 и, особено после 1993 година кога на 24 декември беа воспоставени дипломатските односи помеѓу двете соседни држави, добиваат нов импулс преку интензивната размена на политичко, економско и културно ниво, со што се создале услови за натамошен сестран развој. Воедно, доследен на својата професионална вокација, тој нагласува дека изнесеното во книгата не треба да се толкува како официјални гледишта на која и да било институција којашто била надлежна и учествувала во градењето и развојот на односите меѓу Република Македонија и Република Албанија.
Ова е четврта книга на Керими кој во својата богата 35 годишна дипломатска кариера, 12 години ја претставуваше Република Македонија во амбасадите во Тирана, Анкара и Копенхаген.
На промоцијата на книгата, модерирана од амбасадорот Јован Теговски, за делото и за авторот говореа рецензентот Драган Јањатов и амбасадорот Виктор Габер, а на крајот со пригодно излагање се обрати и самиот автор Салим Керими.