Членовите на Дипломатскиот клуб Скопје, по повод заклучокот на Европскиот Совет да го одложи одредувањето датум за започнување преговори на Република Северна Македонија за влез во Унијата, го изразуваат нивното незадоволство, но истовремено и протест против донесената одлука.
Со оваа политичка одлука на нашите граѓани и на државата им е нанесена тешка неправда, по нивната тридецениска плебисцитарна определба за влез во ЕУ и тешките реформи и компромиси за адаптација на македонското општество и исполнување на критериумите за почеток на преговори за таква интеграција. Исклучително позитивните оценки за тие наши напори на огромното мнозинство на членките на Европскиот Совет, а особено заедничкото писмо на европската четворка Лајен, Туск, Јункер и Сасоли, е потврда дека блокадата од една земја членка е сам по себе политички и дипломатски парадокс и нејзина изолација од страна на мнозинството во тој Совет.
Без сомненение така донесената одлука на Европскиот Совет може да има и серија на дестабилизирачки последици по развојот, безбедноста и мирот во Македонија и регионот. Заради некои внатре-политички калкулации во една членка на ЕУ, сметаме дека со оваа одлука се придонесува за настапување на ретроградни процеси на југоистокот на европски континент и наместо просперитет и отвирање на перспективи да дојде до загрозување на стабилноста во директно опкружување на Европската унија.
Членовите на Дипломатскиот клуб на сите субјекти во државата кои беа и се ангажирани на постигнување на поставените стратегиски цели на Македонија – полноправна членка на Европската унија и на НАТО, им ја изразуваат својата колегијална поддршка и уверување дека и во овие тешки моменти сите треба да вложиме уште поголема енергија, знаење и работа за постигнување на тие цели. Нашата дипломатија се калеше и се кали во вакви премрежиња, и тридецениските постигања се доказ дека поставените цели се рационално и визионерски утврдени. Нема враќање од тој пат!
Затоа колеги и сите субјекти ангажирани за постигнување на тие цели, примете ја нашата благодарност и поддршка за изградба на Македонија како стабилен, развиен и цивилизиран член на европското семејство!
Скопје, 19 октомври 2019