На 29 ноември 2024 година делегација на Дипломатскиот клуб – Скопје составена од претседателот, Јован Теговски, претседателот на Надзорната комисија, Благој Зашов и секретарот Виктор Габер беше примена од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
На средбата стана збор за повеќе теми од взаемен интерес, при што делегацијата на Клубот го запозна министерот Муцунски со дел од неговите најважни активности на планот на надворешната политика и дипломатијата на нашата држава, аналитичките осврти на меѓународните односи и меѓународното право реализирани преку серија конференции, дебати и средби со претставници на ДИП-корот во Скопје, како и преку редовното издававање на специјализираното списание „Дипломатски летопис“.
Во разговорот особен акцент беше ставен на идните активности на Клубот, пред се во 2025 година кога се навршуваат 15 години од неговото формирање и 10 години од излегувањето на првиот број на списанието „Дипломатски летопис“. Беше истакнат интересот за унапредување на досегашната соработка со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија преку формализирање на соработката, заедничко организирање настани, вклучување на членови на Клубот во процесот на едукација на млади дипломати итн.
Министерот Муцунски изрази задоволство од можноста да се сретне со делегација на Дипломатскиот клуб, при што ја подвлече отвореноста и подготвеноста на Министерството за продлабочување на соработката со Клубот. Предочените иницијативи за утврдување конкретни форми за реализација на соработката за теми коишто се во суштината на општествената и институционалната надлежност на Министерството и се комплементарни со опсегот на работа на Клубот ги оцени како мошне корисни. Како особено важна ја нагласи идејата соработката да биде формализирана со цел едукација на младите дипломати, пренос на знаењата и искуствата, менување на јавната перцепција за улогата и важноста на професионалната дипломатска служба, како и континуирана и засилена афирмација и промоција на интересите, националните вредности и надворешната политика на Северна Македонија на меѓународен план.