Skip to content
Почетна > Средба со шпанскиот амбасадор Рафаел Сориано Ортиз

Средба со шпанскиот амбасадор Рафаел Сориано Ортиз

Делегација на Дипломатскиот клуб – Скопје, предводена од претседателот Јован Теговски, на 26 мај 2026 година оствари работна средба со амбасадорот на Шпанија во Северна Македонија, Н.Е. Рафаел Сориано Ортиз.

На средбата, којашто помина во исклучително пријателска и срдечна атмосфера, стана збор за повеќе актуелни теми од меѓународните односи и, особено, за политиката на проширување на Европската унија и последните предлози на овој план, вклучувајќи го и оној на германскиот канцелар Фридрих Мерц којшто предвидува асоцијативно членство на Украина и постепено пристапување на земјите кандидати од Западен Балкан во ЕУ. Во овој контекст беа разменети и мислења околу перспективите на нашата држава за забрзување на пристапниот процес и потребата од донесување храбри одлуки за остварување на таа цел.

На амбасадорот Сориано Ортиз му беа претставени основните цели на Дипломатскиот клуб, дел од најважните реализирани активности, пред се оние насочени кон обуката на млади дипломати, издавањето на специјализираното списание “Дипломатски летопис“, како и дел од програмските активности за идниот период. При тоа се зборуваше и околу можностите за соработка помеѓу Дипломатскиот клуб и Шпанската амбасада, пред се во контекст на одбележувањето на 20 годишнината од отворањето на амбасадата во Скопје.

Амбасадорот Сориано Ортиз со задоволство ја прифати поканата да настапи со свој авторски текст во следниот број на списанието “Дипломатски летопис“

Скопје, 26 мај 2026 година

Сподели ја оваа објава на: