Skip to content
Почетна > Трибина по повод пет години од членството на Република Северна Македонија во НАТО

Трибина по повод пет години од членството на Република Северна Македонија во НАТО

Во организација на Дипломатскиот клуб-Скопје и Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста на Република Северна Македонија (ЗВРОБ), на 13 март 2025 година во Домот на армијата, се одржа трибина на тема „Пет години членство на Република Северна Македонија во НАТО: постигнувања, перспективи и предизвици“ со што двете здруженија даваат свој придонес кон одбележувањето на овој јубилеј и ја потврдуваат нивната посветенот кон стабилноста, безбедноста и демократијата на нашата земја.

Министерот за одбрана, Владо Мисајловски во воведното обраќање ја нагласи важноста од членството на нашата држава во НАТО  и се осврна на активностите што се преземаат за реформи во одбраната, за јакнење и модернизација на нашите безбедносни и одбранбени капацитети, согласно стандардите на НАТО и зголемување на интероперабилноста на нашата армија во справување со современите безбедносни предизвици, при што го подвлече фактот што државата издвојува 2% од буџетот за остварување на поставените цели.

На трибината, којашто ја водеа потпретседателот на Дипломатскиот клуб Сања Зографска и проф.д-р Ѓорѓи Тоновски, настапија генералите во пензија Илија Николовски и д-р Павле Арсовски, претседател со Комисијата за одбрана во Собранието на РСМ, амбасадорката Шпреса Јусуфи и дипломатот д-р Зоран Тодоровски. Во своите обраќања тие зборуваа за патот на нашата земја кон приемот во полноправно членство во НАТО а што претставува најголемиот придонес за безбедноста и стабилноста на нашата држава и гаранција на нејзиниот територијален интегритет и суверените, особено во сегашните услови на геополитички превирања и нестабилност. Тие се осврнаа и на нашите идни обврски како членка на НАТО, понатамошната улога на НАТО во зачувување на мирот и безбедноста во регионот, во Европа и пошироко и предизвиците на тој пат, како и политички, безбедносни, економски и технолошки промени коишто го обликуваат меѓународниот поредок и влијаат врз надворешната и безбедносната политика на нашата земја.

Сподели ја оваа објава на: