Во организација на Дипломатскиот клуб – Скојпје, Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ и Регионалниот институт за развојни студии Скопје при Универзитетот за мир основан од ООН, на 26 јуни, 2025 година во МАНУ се одржа тркалезна маса на тема “Геополитичкиот пејзаж и проширувањето на ЕУ: перспективи за Северна Македонија и другите земји-кандидати од Западен Балкан“.
Во дискусијата учествуваа министерот за европски прашања Орхан Муртезани, претседателот на Дипломатскиот клуб, амбасадорот Јован Теговски, раководителот на Центарот за стратегиски истражувања, академик Таки Фити, деканот на Регионалниот институт за развојни студии проф.д-р Никола Поповски, амбасадорот на Полска како актуелен претседавач со Советот на ЕУ Мариуш Бримора, како и други академици, членови на Дипломатскиот клуб професори и претставници на граѓанското општество (кликни за програмата).
Во нивните излагања, меѓу другото, беше нагласена важноста на темата во контекст на актуелните драматични, брзи и непредвидливи геополитички случувања а коишто се рефлектираат и на проширувањето на ЕУ. На овој процес треба да се гледа како геополитичка нужност и една од клучните алатки за обезбедување мир, стабилност и враќање на вредностите на коишто се заснова ЕУ. Северна Македонија, како еден вид “симбол на стратегиско трпение“, е подготвена, но очекува реална интеграција, а не вечна чекалница и таа и останатите земји кандидати од Западниот Балкан се наоѓаат во пресуден момент за нивната европска иднина. Стана збор и за резултатите од шестмесечното претседавање на Полска со Советот на ЕУ, пред се во однос на главниот приоритет-безбедноста и одбраната на ЕУ; владеењето на правото како исклучително важен фактор во обликувањето на геополитичкиот пејсаж, со укажување дека земјите од регионот сеуште во голема мера заостануваат на ова поле; новиот План за раст на З. Балкан; идеите во врска со постепената интеграција во ЕУ; непринципиелното вето на Бугарија за отворање на кластерите од пристапните преговори на нашата земја со ЕУ итн.