Skip to content
Почетна > Младински перспективи за иднината на Европа и европската интеграција на Северна Македонија

Младински перспективи за иднината на Европа и европската интеграција на Северна Македонија

Во организација на Дипломатскиот клуб-Скопје (ДКС) и Асоцијацијата на Обединетите нации во Северна Македониja (МУНА) во седиштето на Европската куќа во Скопје, на 24 април, 2026 година се одржа панел-дискусијата на тема „Младински перспективи за иднината на Европа и европската интеграција на Северна Македонија“,

Настанот беше одржан во рамки на проектот FutureEU: Empowering Youth through Climate Models и како дел од активностите на ДКС по повод 29 април – Денот на Македонската дипломатија. На настанот настапија претставници на ДКС и МУНА, Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, професори и млади европски амбасадори,

 Панел-дискусијата, покрај презентирањето на резултатите од проектот FutureEU, овозможи размена на идеи и ставови за клучните прашања поврзани со улогата на младите на патот на Северна Македонија кон членството во Европската Унија, како и нивни видувања за климатските промени како заеднички глобален и европски предизвик и важноста младите да бидат двигатели на одржливи решенија.

Панелистите во своите обраќања, помеѓу другото, нагласија дека младите не се само иднината, туку и сегашноста на европската интеграција, и укажаа на потребата нивниот глас да биде појасно слушнат и вклучен во носењето одлуки. Беше подвлечено дека европската перспектива на Северна Македонија зависи не само од исполнувањето на формалните критериуми, туку и од создавање општество во коешто младите гледаат можност за развој, достоинство и припадност.

Настанот заврши со порака дека иднината на европскиот проект во Северна Македонија во голема мера ќе зависи од тоа колку младите ќе бидат охрабрени да останат, да придонесуваат и активно да учествуваат во обликувањето на општеството.

Сподели ја оваа објава на: